Каква ќе биде судбината на Договорот од Преспа со Мицотакис како премиер на Грција

Очекуваната победа на предвремените грчки парламентарни избори на конзервативецот Киријакос Мицотакис поради неговиот критчки став кон таканаречениот Договор од Преспа со кој Македонија си го смени уставното име во замена за „откочувањето“ на евроатлантските интеграции на земјата, во Скопје предизвикува дилеми што може да очекува од новата влада Грција.

Убедливата победа на Киријакос Мицотакис, син на поранешниот премиер Константин Мицотакис и брат на Дора Бакојани, поранешна министерка за надворешни работи кога во Букурешт во 2008 година Грција стави вето за членството на Македонија во НАТО, не претставува изненадување по убедливата победа на крајот од мај на изборите за Европскиот парламент. Неговата победа, како потомок на политичка династија која потекнува од еден од најпознатите политичари во грчката историја Елефтериос Венизелос, го одбележува враќањете на „фамилиократијата“ во грчката политика. Традиција којашто успеа да ја прекине досегашниот премиер Алексис Ципрас во 2015 година, но Договорот од Преспа кој не го поддржуваат мнозинството Грци, а чиј еден од креаторите беше токму Ципрас, придонесе за падот на неговата популарност.

Јасно е дека со освоените најмалку 158 мандати во 300-члениот парламент во Атина, Киријакост Мицотакис ќе може самостојно да формира влада, што од една страна се оценува како добра поволност кога станува збор за евентуалните потези го кои би ги преземал во однос на „Преспанскиот договор“, во прв ред и поради фактот што партиите кои имаат порадикален став по ова прашање се безначајнo застапени. Сепак, имајќи го предвид и „семејниот“ и традиционалниот став по „македонското прашање“ на грчките конзерватици, и покрај огромните отстапки коишто во споменатиот договор ги направи владата на Зоран Заев, може да се очекува позаострена политика кон Македонија, особено во однос на аспирациите за брзо отпочнување на преговорите за членство во ЕУ.

„По убедливата победа на Нова демократија на изборите во Грција, многу е тешко и неблагодарно да се предвиди каква ќе биде иднината на договорот од Преспа со коЈ го променивме името на државата во Република Северна Македонија. Иако одредени аналитичари се обидуваат да го релативизираат влијанието на предизборните ветувања на Нова демократија во однос на ‘македонското прашање’, низ тезата дека бранот на бес и жестокото спротивставување на договорот помина и дека сега најчесто е ограничен на ‘тесна група избирачи’, изборите потврдија сосема друга реалност од онаа во којашто сакаа тие да веруваат. Имено, се прашувам колку може г-дин Мицотакис да го игнорира незадоволството на околу 70 отсто од Грците од договорот од Преспа, незадоволство што му ја испорача победата на изборите, особено ако се знае дека најголемиот бран незадоволство доаѓа од населението на северниот дел од Грција, поточно од регионот Македонија, кој е исклучително економски важен за Грција“, смета професорот Ѕвонимир Јанкуловски.

Од друга страна, ако Мицотакис во времето кога во грчкиот парламент се дискутираше за Договорот рече дека кога „еднаш ќе биде ратификуван нема да може да се измени“ и побара од пратениците да преземат „историска одговорност“, може да се мисли дека најверојатно нема да се реши на радикални потези во однос на веќе постигнатиот меѓународен договор. Но, исто така, се памети дека идниот премиер на Грција тогаш предупреди и дека самиот договор „полн со аномалии“ не претставува никаква гаранција за европските интеграции на Македонија. Мицотакис, имено, недвосмислено тогаш порача и во предизборието повтори дека го задржува правото да го блокира процесот на македонското пристапување на Европската унија, доколку смета дека не биле исполнети националните интереси.

„Како обид да ѕирнеме во иднината на договорот од Преспа би потсетил на изјавите на новиот премиер на Грција дека овој договор е една најголемите грешки на владата на Ципрас, и иако не ја одрекува можноста тој да опстои, сепак Мицотакис го задржува правото да ја блокира Македонија на патот во ЕУ, зашто не се исполнети националните интереси во решавањето на македонското прашање. Тоа значи дополнителни притисоци и концесии што македонската страна ќе биде обврзана да ги испорача за да ги задоволи црвените линии по ова прашање од нашиот јужен сосед. Веќе никој не зборува за нашите, зашто со договорот потврдивме дека ги немаме“, смета Јанкуловски во анализата за НетПрес

Може, исто така, да се претпостави дека во наредниот период Мицотакис ќе се обиде да ги оправда своите предизборни ветувања пред грчката јавност и да изврши притисок врз Скопје, во обидот да издејствува дополнителни отстапки од владата на Заев која и онака се покажа како „многу кооперативна“ кога преговараше со владата на Ципрас во поглед на незаштитувањето на македонските национални интереси. И оти притоа, во прв ред, новиот грчки премиер зад кого стои опитен дипломатски тим својата цел ќе ја има во повеќе самобендисаната отколку способна актуелна македонска дипломатска постава.

„Што ќе биде прво на што грчката страна ќе инсистира во однос на ‘подобрување’ на договорот?. Секако, екслузивното право на брендот Македонија и античката историја. Целосно наше обезличување и губење на македонскиот идентитет. Не географски, туку етнички. Всушност, не мора Грција да ни каже што треба да правиме, зашто ние самите си знаеме, особено нашата дипломатија која ја потврди својата сервилност и способност да испорача сѐ што ќе побара другата страна. Зашто за нашата дипломатија националната гордост и достоинство немаат црвена линија. Поточно црвената линија на нашата надворешна политика по ова прашање е само боја и ништо друго“, предупредува Јанкуловски.