Каква штета и нанесе Заев на државата со својата „отвореност“?

Премиерот Зоран Заев ја призна автентичноста на снимката со три негови разговори со руските „пранкери“ кои му се претставувале како поранешниот украински претседател Петро Порошенко и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Заев призна дека биле прекршени протоколите за меѓудржавна комуникација, но смета дека ниту тој ниту пак некој од неговиот кабинет којшто би требало да спречи ваков „инцидент“ нема да понесе одговорност за сериозниот пропуст.

Напротив, Заев вели како одговор на скандалот што во рок од година ипол на трипати поверувал дека разговара со Порошенко ќе ги менува безбедносните протоколи за комуникација.

Политичките аналитичари сметаат дека најмалку што можеше да стори Заев денеска е да ја понуди својата оставка. Државата е изложена на меѓународен потсмев и понижување, велат аналитичарите. Дел од нив сметаат дека одговорност мора да биде понесена не само од Заев туку и од неговиот тим бидејќи нивната задача била да направат проверки со кого разговара премиерот и кој се може да оствари телефонска комуникација со претседателот на Владата.

„Не е самиот чин на разговор со „Порошенко“, на секој нормален човек косата му се крева од тоа како тој разговара со останатите државници. Изгледа мисли дека е во Муртино, па каде ќе помине на сила, каде со поткуп. Далеку од нормален начин на комуницирање за еден политичар. Но, добро е тоа што граѓаните имаа прилика да слушнат како овој човек ја претставува Македонија пред останатите сериозни политичари“, вели политичкиот аналитичар, Александар Пандов.

Пандов смета дека европските државници, но и останатите кои имале прилика да разговараат лично со Заев, најверојатно не се изненадени од она што се слуша на аудио снимката.

„Меркел и Макрон знаат со кого си имаат работа. Имаат јасен психолошки профил за тоа за каков човек се работи. На овој начин разговарал и со нив. Тој е човек за една употреба. Тој беше донесен само за да го потпише и спроведе Договорот за името и да ја избрише историјата на Македонија и токму затоа што е таков каков што е ставен на оваа функција сега“, вели Пандов.

Поранешни дипломати објаснуваат дека во случајот постои сериозно прекршување на дипломатскиот протокол за остварување на телефонска комуникација меѓу високи државни функционери. Сметаат дека доколку се почитувале протоколите овој скандал не би се случил или пак би бил спречен по првиот разговор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.