Какви насоки ќе им даде Заев на историчарите?

Премиерот Зоран Заев денеска на средба со македонските членови од Мешовитата македонско бугарска комисија за историски и образовни прашања. Во пресрет на средбата премиерот само потврди дека ќе разговара со македонските историчари пред тие утре да се сретнат со бугарските колеги на нова рунда преговори околу спорните теми.

Заев не открива дали ќе даде некакви насоки по кои треба да се водат експертите по историја во преговорите со бугарската страна и како последните пораки на официјална Софија ќе имаат влијание врз тековниот процес.

Во текот на денот веројатно ќе се сретнеме. Ќе имам средба заедно со претставници од Кабинетот на министерот Димитров и моите советници за надворешна политика, затоа што утре следува средба со Комисијата од бугарска страна“, рече Заев прашан за средбата со историчарите.

Заев досега не се произнесе за листата барања кои минатата недела ја испорача бугарската влада како услов за поддршка за членство во Европската Унија.

Меѓу овие услови Софија бара терминот „македонски јазик“ повеќе да се не користи во документите на Брисел туку да се употребува терминот „официјален јазик на Република Северна Македонија“. Бугарите бараат и од спомениците, учебниците и во медиумите да се забрани користење на фразата „бугарски фашистички окупатор“.

И додека официјално Скопје молчи за условувања на Софија, бугарските интелектуалци се кренеа против своите власти. Група на истакнати бугарски уметници, професори, научници покренаа петиција против Декларацијата на бугарската Влада оценувајќи ја истата како разочарувачка и понижувачка кон Македонија.