Набљудувачите на граѓанската асоцијација „МОСТ“ во првите неколку часа од гласањето за претстојните претседателски избори досега забележаа неколку ситни неправилности.
„Забележано е дека гласачко место 0637 во општина Демир Хисар е отворено во 07,33, поради тоа што на кутијата за гласање пишувало избори за пратеници. По реакција на ИО, била донесена соодветната кутија. Гласачкото место 2861/1 во општина Центар забележано е читање на глас на имињата на гласачите од страна на ИО. Гласачкото место 1954 во општина Тетово е отворено со задоцнување од 10 минути поради доцнење со процедурата на подготовка за отворање. Гласачкото место 1686 во општина Свети Николе, забележан е пропаганден материјал пред гласачкото место. Гласачкото место 1680 во општина Свети Николе, забележани се неколку лица во дворот на здравствениот дом кои ги евидентираат лицата кои влегуваат на гласачкото место“, велат од МОСТ.
Во однос на предвременото гласање, односно гласањето на болни и немоќни лица кое беше набљудувано од страна на 55 набљудувачи на МОСТ преку работата на 55 ИО, забележани се одредени нерегуларности и тоа: нарушена тајност на гласање; ИО од гласачко место 0112, општина Битола; ИО од гласачко место 1848, општина Струга; ИО од гласачкото место 2844/1, општина Центар со себе не ја носеле гласачката кутија; ИО од гласачко место 0121, општина Битола и покрај пријавените 4 гласачи со себе го земал целиот кочан со гласачки ливчиња, гласале тројца а ИО не го поништил неискористеното гласачко ливче и истото останало на кочанот; ИО од гласачко место 1404, општина Прилеп не бил соодветно запознаен со процедурата за гласање на болни и немоќни лица, односно не знаел дали треба да се става печат на гласачкото ливче и дали може да се гласа со пасош. По консултација со ОИК, започнал да ја спроведува процедурата согласно законот.
Во текот на денот, за граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, ќе биде отворена бесплатната телефонска линија 080 080 080. Доколку граѓаните не се сигурни каде можат да го остварат своето право на глас, со внесување на своите податоци можат да проверат на интернет страната izbirackispisok.gov.mk.