Какви се цените на пазарите пред божиќните празници?

Скопските пазари деновиве се полни со костени, бонбони, овошје и зеленчук, каде што граѓаните можат да си купат намирници за прослава на божиќните празници. Менито е како и секоја година, за Бадник граѓаните ќе подготвуваат посна храна, гравче, риба, ќе се крши лепче со паричка, пишува Вечер.

За Христовото раѓање, Божиќ, пак кој може да си дозволи на трпеза ќе послужи и бутче од прасе или друго вкусно месо.

Иако атмосферата е празнична за разлика од вообичаеното граѓаните кои што пазаруваа на Зелено пазарче во Центар шетаат од тезга до тезга да купат што поевтино.

Цените на производите се слични како и ланските, но и продавачите и купувачите велат ретко кој е опуштен во купувањето.

„Најслабо е годинава, само шетаат пензионериве што ги гледате, па и оние кои ќе купат, мерат до грам“, коментираат продавачите.

Цените на производите по килограм главно беа над 100 денари. Па така, килограм костени чинеа околу 120 денари, а најубавите достигнуваа и до 150 денари за килограм, кило лупени ореви беа 450 денари, гравот 150, краставиците 130 денари.

„Па еве, не може без традиционалното бадниково гранче, по некој костен, ореви, мандарини и портокали, ништо специјално. Трпезата ќе биде скромна, со една пита и тоа што може да се дозволи со нашите пензии“, вели скопјанката Марица К. за Вечер.

Граѓаните забележуваат дека цените секоја година пред божиќните празници се зголемуваат, но велат дека скромно или богато празникот сакаат да го одбележат.

Многумина јануари го сметаат за еден од најдолгите месеци во годината. Новогодишните и божиќните празници се причината што домашниот буџет се троши уште во првите денови од годината. Но, сите велат дека не се воздржуваат да потрошат малку повеќе за да ги прослават празниците.

Цени на зелен Пазар

Бадниково гранче

10-20 ден/парче

Костени

120-150 ден/кг

Маслинки

180-260 ден/кг

Грав

150 ден/кг

Крап

240 ден/кг

Свинска кременадла

250-280 ден/кг

Пилешки стек

230 ден/кг

Банани

50 ден/кг

Портокали

30 ден/кг

Мандарини

40 ден/кг

Суви сливи

120-140 ден/кг

Краставици

130 ден/кг

Домати

100-120 ден/кг

Тиква

50ден/парче

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.