Калкашлиева: Писмата на Катица Јанева не можат да бидат основа за предавање на предметите на СЈО

Законот, како lex specijalis, ги утврдува надлежноста и овластувањата на специјалниот јавен обвинител, така што исклучиво тој е овластен да истражува и да гони кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите. Во истражувањето и гонењето на овие кривични дела, СЈО, според законот, има целосна автономија и ниту еден јавен обвинител, вклучувајќи го и јавниот обвинител на Република Македонија, не може да влијае на неговата работа. Нема одредба во законот што предвидува можност за специјалниот јавен обвинител предметите, над кои, според законот, тој има исклучива надлежност и овластувања, да му ги предаде на јавниот обвинител на Република Македонија или на друг јавен обвинител, вели за Нова Македонија Милојка Калкашлиева, поранешна судијка на Врховниот суд.

-Се извртуваат содржината и суштината на одредбата од ставот 5 на членот 6 од Законот за СЈО, па со повикување на таа одредба се прифаќа за полноважно „писмо“ (или „изјава“ или „наредба“) со кое Катица Јанева и од притвор управува со предметите над кои исклучиво СЈО има надлежност, па од притвор му ги предава сите предмети на републичкиот јавен обвинител. Па ако таа одредба ѝ дава такво овластување, зачудува фактот што Катица Јанева уште пред притворот не одлучила да му ги предаде сите предмети на јавниот обвинител. Специјалниот јавен обвинител нема такво овластување ни во редовната работа, а камоли од притвор, потенцира Калкашлиева и додава:

„Ставот 5 на членот 6 од Законот за СЈО не зборува за предавање предмети од надлежност на СЈО на републичкиот јавен обвинител, туку, во истакнување на целосната автономија на СЈО над кривичните дела од негова надлежност законот во оваа одредба вели: „Јавниот обвинител на Република Македонија или друг јавен обвинител НЕ МОЖЕ ДА ПРЕЗЕМА ИСТРАГИ И ГОНЕЊЕ ПО ПРЕДМЕТИ КОИ СПАЃААТ ВО НАДЛЕЖНОСТ НА ЈАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ (сјо), БЕЗ НЕГОВА/НЕЈЗИНА ПИСМЕНА СОГЛАСНОСТ“. Каде гледате во оваа одредба овластување на СЈО да ги предаде предметите од својата надлежност. Впрочем, согласност, па и писмена, се бара ако некој побара нешто над кое ти имаш власт, а не треба твоја согласност, уште и писмена, кога одлучуваш ти некому да му предадеш нешто над кое ти имаш власт. За истрагите и гонењето по предметите што спаѓаат во надлежност на СЈО, со Законот за СЈО е овластено само СЈО, а републичкиот јавен обвинител или друг јавен обвинител, доколку побара, може да преземе истраги и гонење по тие предмети, но само со писмена согласност на СЈО.“