–Како бренд ориентиран кон потрошувачите, КАМ секојдневно е во комуникација и одговара на барањата и потребите на своите ценети потрошувачи. Во таа насока, компанијата експресно реагира и од продажба го повлече путерот на којшто се појави техничка грешка во преводот на декларацијата.
Печатењето нови, точни, декларации е во тек и путерот „Маркенбутер“, чие потекло е од Германија, наскоро ќе биде вратен во продажба.
– KAM е компанија чиј врвен приоритет се потрошувачите, а тоа значи дека целосно ги разбираме и почитуваме нивните чувства во врска со ненамерната техничка грешка што се појави на декларацијата на еден од артиклите од нашиот асортиман – германскиот путер „Маркенбутер“. За нас одговорноста кон нашите сограѓани, односно кон целото општество, е од огромно значење и затоа, благодариме на сите кои укажаа на грешката и ни дадоа можност веднаш да реагираме. Штом беше укажана грешката во преводот, продуктот веднаш беше повлечен, по корекција на декларација путерот ќе биде вратен во продажба. Продолжуваме и понатаму транспарентно да соработуваме со сите засегнати страни и имплементирање на законските прописи во секојсневното работење. Искрено веруваме дека транспарентноста во работата е основа за градење долгорочна доверба меѓу нашиот бренд и потрошувачите. Водејќи се од овие принципи, ние и во иднина ќе продолжиме секојдневно посветено да работиме – велат од „КАМ маркет“.
Инаку, како што беше објавено во медиумите, на залепената декларација на путерот што се продава во КАМ маркетите, а кој е од германско потекло, покрај на македонски, декларацијата е напишана и на албански јазик, а како земја увозник стои Провинција Македонија. Увозник на путерот е назначена познатата КАМ ДОО.
На социјалните мрежи граѓаните реагираа дека ова треба да се пријави во Државниот пазарен инспекторат и другите надлежни институции, како и дека очекуваат овој производ веднаш да се повлече од продажба, со ваква декларација.