Камчев ги доставил снимките до Обвинителството пред да се појават во јавноста

Снимките кои ги објави италијанскиот весник La Verita за случајот „Рекет“ Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ги поседувало уште пред тие да се појават во јавност.

Снимките ги доставил бизнисменот Орце Камчев, кој е сведок во случајот. Сѐ уште не е познато како тие завршиле кај словенечкиот новинар Ларис Гаисер кој ги објави во миланското издание, а од обвинителството соопштија дека снимките не протекле од кај нив.

Дали тие ќе се користат како доказ ќе биде познато кога ќе биде покренато обвинение за случајот, пренесува Радио Слободна Европа.

Во случајот рекет за изнуда на милионска сума во евра во замена за влијание во случај кој го води Специјалното јавно обвинителство засега се осомничени и притворени се Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милески Кичеец.

Видеото откри дека во февруари годинава на средба на Јовановски и Милески со Камчев, како што наведува весникот, се гледаат спакувани евра со рачно испишани спецификации на листови хартија. Аудио снимките, според весникот, покажаа дека и специјална јавна обвинителка Катица Јанева контактирала со Камчев. Се откри и каков бил планот за ослободување на Камчев од притвор и враќање на неговиот пасош.

Обвинителката Вилма Русковска кога ја објави истрагата ата изјави дека се собрани повеќе вербални и материјални докази и во моментот имаат две осомничени лица.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.