Камчев: Кремљ нема храброст да употреби нуклеарно оружје, а Путин ќе падне наеднаш

Ако употреби нуклеарно оружје, тоа ќе биде осудено од сите од светот вклучително и од Кина. Путин многу пати се има закането со употреба на нуклеарно оружје и не се случило ништо. Ете, Украина го нападна Крим кој Русија го смета за своја територија, па не се случи ништо. Се работи за блеф, коментира Борис Камчев, новинар и колумнист за СТУДИО 10 на ТВ24.

Тој објаснува дека за да се употреби нуклеарно оружје потребна е храброст која очигледно недостасува кај врхушката на Кремљ.

Путин исклучува пораз, но ситуацијата на теренот покаува нешто сосема друго, вели Камчев и потенцира дека украинската армија напредува на терен. Според него, поверојатно е да се вклучи Турција и регионалните сили да посредуваат да се постигне договор меѓу Русија и Украина.

– Во моментов авионските карти во Русија достигнуваат вртоглави цени. Луѓето си заминуваат оти не сакаат да бидат регрутирани и да војуваат. Дури и да се мобилизираат ќе требаат неколку месеци воена обука. За тоа време Украина нема да седи и да чека, вели Камчев.

Камчев вели дека не би сакал да е на местото на Путин, но дека Путин мораше да одговори на барањата на националистите во земјата кои бараа судир на Русија со западната цивилизација.

– Сега Путин е заложник на националистите, оти ако не ги следеше нивните барања ќе беше или отстранет или убиен. Ако не објавеше мобилизација и ескалација на војната тука ќе беше неговиот крај. Треба да се очекува и објавување на воена состојба во Русија оти без тоа нема масовна мобилизација, објаснува Камчев.

Шансите Путин да биде соборен однатре се зголемуваат како што тој ја губи војната, коментира Камчев, иако не може да се прогнозира кога би се случило тоа. Според него, Путин има многу непријатели внатре од кои некои се многу моќни, како олигарсите кои загубија многу пари поради санкциите.

– Ако се случи пад на Путин тоа ќе биде наеднаш. Автократските режими паѓаат нагло, во еден момент се уриваат како кула од карти, сеедно колку однадвор се чинат челични, вели Борис Камчев, новинар и колумнист за СТУДИО 10 на ТВ24.