Каменос: Времената спогодба од 1995 година е истечена

Во пратеничко прашање до шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос, лидерот  на Независни Грци Панос Каменос, констатираше дека Времената спогодба од 1995 година била истечена. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, грчкиот премиер Андонис Самарас досега осум пати одби да одговори на пратеничките прашања на Каменос за Македонија, а пред се’ на прашањето дали за Самарас сега, за разлика од порано, е прифатливо евентуалното компромисно име воопшто и да го содржи терминот Македонија.

Потенцирајќи дека премиерот Самарас осум пати не одговори на неговите прашања, Каменос овој пат побара Венизелос да ја открие вистинската содржина на разговорите за името, прашувајќи дали има вистина во информациите дека на маса е предлогот Нова Република Македонија и каков би бил опсегот на употреба на името во овој случај.

„Парламентот да биде информиран дали актуелната влада има намера да распише референдум ако некогаш се постигне заемно прифатлив компромис за името и дали планирате да не известите за Времената спогодба од 1995 та, која што веќе е истечена, но молчеливо се продолжува на неодредено време? ”, се вели во вториот дел од пратеничкото прашање на Каменос.

Со Времената спогодба меѓу Македонија и Грција од 95-та, потпишана во времето на СДСМ, тогашната власт ја прифати срамната референца поранешна југословенска Република Македонија, а истовремено се откажа од користењето на македонскиот симбол, сонцето од Кутлеш и истото го отстрани од знамето. При тоа, водството на СДСМ на чело со екс претседателот Киро Глигоров го излажа народот дека референцата ПјР Македонија ќе важи само три месеци.

Единствена посериозна обврска за Грција од оваа дискутабилна спогодба беше обврската да не го блокира членството на Македонија во меѓународните организации под Времената референца пјР Македонија, обврска која Грција со години грубо ја крши и покрај пресудата од судот во Хаг, според која грчкото вето за членството на Македонија во НАТО е нелегално и треба да престане.

И две децении по потпишувањето на спогодбата останува дилемата: дали тогашната власт пред да ги направи овие срамни отстапки пред јужниот сосед и пред да го обезличи македонското име, знаме и народ, имаше направено соодветни проценки за тоа дали постојат механизми што ќе можат да ја натераат Грција да се придржува кон својот дел од обврските ?