Камион се заби во погребна процесија пред крематориум во Кина, 19 загинати

Камион е забил во група луѓе во погребна процесија пред крематориум во југоисточна Кина, при што загинале 19 а повредени се уште 20 други луѓе, објави државната новинска агенција Xinhua во неделата.

Несреќата се случила малку по полноќ по локално време во селото Таолинг, триесетина километри југоисточно од градот Нанчанг во покраината Џианкси.

Новинската агенција цитираше изјави на очевидци дека луѓето кои настрадале чекале пред преполниот крематориум. Наводно, според локалните обичаи за покојниците, оставале цвеќе и храна крај патот, доделка чекале следниот ден да пристапат до крематориумот.

Најголем број од жртвите се од селото Таолинг, а причината за несреќата сѐ уште се истражува.

Во извештајот на локалните медиуми не се споменува дали крематориумот особено бил фреквентен поради големиот бран зарази со коронавирусот кој ја зафати Кина, поради што претходно седмицава пишуваа дека под притисок се болниците и крематориумите.

По речиси три години епидемиолошки ограничувања и „затворања“, масовни тестирања и задолжителен карантин, Кина под притисок на меѓународните компании и бунтот на граѓаните од 7-ми декември се откажа од својата строга политика на „нулта толеранција“ на Covid-19.

Од тогаш најмногубројната земја на светот бележи раст на бројот н заразените, особено меѓу постарите и оние кои патат од хронични болести. Болниците се преполни, крематориумите работат деноноќно. Според процените, досега починале десетици илјади луѓе. Во меѓувреме, кинеските здравствени власти престанаа да ги објавуваат бројките на заразени .