Канаѓанка го „шетала“ сопругот како куче за време на полициски час

Двојка во Канада е казнета за прекршување на правилата за полициски час поради пандемијата со коронавирус, откако жената била фатена како го „шета“ сопругот како куче, пишува „Би-Би-Си“.

Жената, наводно, рекла дека само излегла „да го прошета своето куче“ во близина на нивниот дом во градот Шербрук, во провинцијата Квебек.

Во саботата, покраината воведе ноќен полициски час помеѓу 20:00 и 05:00 часот. Шетањето со куче близу до домот е една од единствените прифатливи причини да се биде надвор за време на полицискиот час.

Двојката била забележана од полицијата околу 21:00 часот во саботата, кратко откако на сила стапија новите правила за населението.

Тие наводно рекле дека го следат правилото за шетање миленичиња. Изабел Гендрон, претставник од полицискиот оддел во Шербрук, за локалниот весник „Ла Трибун“ изјави дека парот воопшто не соработувал со полицијата. И двајцата биле казнети со по 1.546 американски долари. Полицијата низ Квебек издала 750 казни за прекршоци за време на првиот викенд со полициски час.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.