Канадскиот премиер Трудо го посети Киев во знак на поддршка

Канадскиот премиер Џастин Трудо во саботата допатува во ненајавена посета на Киев во знак на поддршка, додека Украина тврди дека сѐ уште се подготвува за со месеци најавуваната голема контраофанзива против руските сили и се справува со континуираните воздушни напади.

Трудо, на меморијалниот центар во центарот на Киев, им оддал почит на украинските војници загинати во битките против проруските сили во граѓанската војна по превратот во 2014 година и одлуките на новите тогаш неизрбрани прозападните украински власти да го забранат рускиот јазик за секаква употреба, како и смени на избраните гувернери на југоисточните региони каде доминатно е руското и рускојазичното население, чии загуби се проценуваат на околу 14.000 луѓе, од кои најголемиот дел се цивили и повеќе стотини деца.

Канадскиот премиер положил венец до ѕидот на кој беа претставени ликовите на загинатите војници во Киев, додека свиреше воениот оркестар, објавија новинарите на AFP. Тој ја посетил и изложбата на уништени руски борбени возила. Трудо подоцна денеска треба да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Добредојдовте во Украина, господине премиере“, напиша заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Мелник во твит, заедно со фотографија на која се ракуваат на платформата на железничката станица.

Членката на НАТО, Канада, која ја има една од најголемите украински дијаспори во светот, обезбеди воена и финансиска помош за Украина за време на сеопфатната инвазија што ја започна Русија во февруари 2022 година.

Покрај тоа, обучи повеќе од 36.000 украински војници. Усвои и санкции против Русија.

Канадскиот премиер е придружуван од вицепремиерката Криста Фриланд, која го зборува украинскиот јазик.

Ненајавеното патување на Трудо во Киев уследи по рускиот напад со ракети и беспилотни летала во текот на ноќта врз цели надвор од главниот град, вклучувајќи ги Одеса, регионот Полтава и Харков.

Истовремено, Москва извести за големи украински напади врз нејзините позиции на југ и на исток, што би можело да биде дел од големата контраофанзива која Киев ја најавува со месеци.