Канцерогено општество: За една година да се најде чаре за ОХИС, Дрисла, Железара, Јегуновце и РЕК Битола

Додека ни снемува чист воздух, донесувачите на одлуки и годинава не испорачаа соодветен буџет и сеопфатна стратегија за горливиот проблем со загадувањето. Во моментот Македонија е четврта земја во светот, а втора во Европа, по заболување од канцер на белите дробови, истакна Анастасија Ивановска од „Канцерогено општество”

Во рок од една година да се најде чаре за сите жешки еколошки точки во државава: ОХИС, Железара, Дрисла, Јегуновце и РЕК Битола, е едно од клучните барања на здружението “Канцерогено општество”, кое utre ќе протестира пред Собранието на РМ против аерозагадувањето. Ова ќе биде трет протест со кој сакаат преку заедничко дејствување на разни еколошки организации, активисти и граѓани да се изнајдат решенија за проблемот со загадувањето.

Долготрајната изложеност на ПМ- честичките ја зголемува вкупната смртност во просек за шест отсто. Секојдневно се зголемува бројот на карцерогени и кардиоваскуларни болести, а сето тоа се должи на загадениот воздух на кој се изложени граѓаните. Додека ни снемува чист воздух, донесувачите на одлуки и годинава не испорачаа соодветен буџет и сеопфатна стратегија за горливиот проблем со загадувањето, вели Анастасија Ивановска од „Канцерогено општество”.

Во моментот Македонија е четврта земја во светот, а втора во Европа, по заболување од канцер на белите дробови.

Треба да се воведе нова технологија за решавање на регионалните депонии што се под локална власт, и создавање национален план за селектирање и рециклирање на отпадот – изјави Андреј Саревски.

Координативно тело на граѓански здруженија за животна средина во четвртокот се сретнаа со премиерот Зоран Заев и му ги претставија дел од своите сугестии кои се однесуваат на различни сектори од животната средина, водата, обновливите извори, квалитет на воздухот, отпадот, како и ставови за подобрување на законската регулатива, во согласност со ЕУ регулативите.

Обезбедуваме средства и правиме напори за подобра животна средина, отворени сме за соработка и заеднички решенија со граѓанскиот сектор – истакнал премиерот Заев кој изразил подготвеност и волја за продолжување на заложбата на Владата за соработката со граѓанскиот сектор во насока на размена на идеи и ставови при операционализација на политиките за различните области од животната средина.

Како што било договорено на состанокот од Координативното тело до премиерот Заев и заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули треба да испратат писмо во кое ќе ги сублимираат сите конкретни иницијативи кои се однесуваат на секторот заштита на животната средина.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.