Кандидат за советник на граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ физички нападнат од кандидат за советник на СДСМ

андидатот за советник во идниот Совет на општина Куманово Николај Павловски на денешната прес-конференција информираше дека кандидатот за советник од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ Реџеп Реџеповски, вчера бил физички нападнат од страна на кандидатот за советник од редовите на СДСМ Самет Салиевски.

Во продолжение, Ви го пренесуваме неговото обраќање во целост:

„На само една недела пред вториот круг од локалните избори, почнаа насилствата и физичките пресметки во Куманово само за да се добие глас плус повеќе!

Вчера, на 23.10.2021 година врз наш кандидат за советник од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ Реџеп Реџеповски е извршен физички напад од страна на советник на СДСМ Самет Салиевски и неговиот татко, во населба Средорек. Овој случај е пријавен во Министерството за внатрешни работи. Но, апелираме до министерот Оливер Спасовски и МВРО на квадрат веднаш да престане да се занимава со кампања и да излезе во заштита на граѓаните. Да престанат притисоците и заканите на нашите граѓански активисти.

Како е возможно целиот овој изминат период да се соочуваме со бројни притисоци, закани, манипулации, а МВРО никаде да го нема? Поважно на Оливер Спасовски му е да ја тера кампањата за градоначалник како тој да е кандидатот во Куманово. Срамота е ова што се случува! Прво почнаа со притисоци врз граѓани и вработени во јавните институции да доставуваат списоци со 10 до 15 гласачи, потоа продолжија со лажни обвинувања и обиди да наместат советници за наводен поткуп, но не им успеа. На крајот, кога видоа дека граѓаните ги казнија на изборите почнаа и физички да се пресметуваат со чесни и одговорни луѓе, со личности признати од светот, со Олимпијци , со гордост на Македонија!

Зошто почнавте да практикувате насилство на 7 дена пред изборите? Поразот треба да ве размисли за вашите постапки, а не да предизвикува чувство за насилство!Насилствата се забранети во демократски општества! Без разлика на сите притисоци, закани и манипулации кои сакате да ги прикажете кај граѓаните, поддршката на нашиот концепт се зголемува се повеќе од ден во ден, како што и самите граѓани на 17-ти октомври се изјаснија кој е најдобриот избор за градоначалник на општина Куманово. Институциите да постапат веднаш, а конечно Оливер Спасовски да почне да си ја работи својата работа.Очигледно, поради огромниот пораз кој ќе го доживеат на 31-ви октомври, сакаат повторно целиот државен апарат да го инсталираат во Куманово и сите недемократски средства да ги користат за да влијаат на резултатот.

Граѓаните не сакаат насилство, а единствените кои треба да излезат од режимската матрица сте вие! Очекувавме поинакво делување во политиката, но се покажавте исти на тој план.Во недела, на 31-ви октомври ќе доживеете уште еден голем пораз. И ќе губите постојано се додека не се промените!