Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Павлов најави низа значајни проекти за граѓаните на Виница

Граѓаните на Виница се нашиот приоритет и нивните желби, потреби и размислувања се најважни бидејќи заслужуваат да живеат во модерна и убава општина во која ќе бидат задоволени сите нивни потреби, потенцира кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Павлов.

Посочи дека има јасна и прецизна визија, знае и може да го подобри животот во Виница.

Вети дека со неговиот тим силно ќе се залага за да обезбеди подобар живот за сограѓаните преку изградба на квалитетна инфраструктура, подобро образование, заштита на животната средина, преку развој на спортскиот дух и урбанизација на општината.

„Во секоја општина во Република Македонија се издвојуваат проекти кои се од врвен приоритет за граѓаните, а нашите приоритети во нашата Програма од 2017 -2021 се: планираме изградба на нов Градски пазар со сите стандарди, кој ќе даде современ изглед на централното градско подрачје и ќе ги подобри условите за трговците и купувачите. Ветуваме изработка на урбанистички планови за мали стопански зони во населба Градец, Дива топола и во Блатец, Скараница и изградба на нови индустриски зони за мали капацитети од лесна незагадувачка индустрија со што ќе се креираат нови работни места со потикнување на развој на мали и средни претпријатија, подобрување на животниот стандард, подобрување на локалниот економски развој, намалување на процесот на иселување“, рече Павлов.

„Комплетно ќе го уредиме коритото на Виничка река што минува низ градот, со цел заштита од поплави и нов лик на коритото, инфраструктурно уредено централно градско подрачје и заштита на животната средина. Продолжуваме со реконструкција на водоводната мрежа во Виница, со замена на старите азбестните цевки со нови ПВЦ цевки, со цел снабдување на населението со квалитетна вода за пиење и создавање на услови за зачувување на здравјето на граѓаните, одржување поздрава и почиста животна средина. Изградба на филтер станица во Трсино, со цел подобрување на водоснабдувањето и обезбедување на чиста и исправна вода за пиење во континуитет за зачувување на здравјето на граѓаните. Изградба на втората фаза од атмосферска канализација во градот Виница со што ќе се намали степенот на можност од поплави, позитивно ќе се влијае врз животната средина и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Поставување на фотоволтаичен систем на ПУ „Никола Парапунов“ во село Трсино со цел да се заштеди електрична енергија преку обновливи извори на енергија со што ќе се заштити животната средина. Ќе продолжиме со поплочување на улиците и тротоарите со бехатон плочки во градот Виница и во сите населени места, со цел подобрување на безбедноста во сообраќајот и квалитетот на живот на населението како и подобрување на инфраструктурното уредување на руралните средини. Планираме изградба на сообраќаен кружен тек на булеварот кај градскиот парк и новата индустриска зона со цел подобрување на безбедноста во сообраќајот. Реконструкција на детската градинка ОЈУДГ „Гоце Делчев“ со замена на салонитните керамиди и поставување на енергетски ефикасен кров како и дворно уредување на градинката со цел подобрена грижа и заштита на здравјето на децата и целосно енергетски ефикасен објект“, истакна кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.

Павлов рече и дека нуди програма која е реална, остварлива и базирана исклучи во на практичните потреби и барањата на жителите на општина Виница.

„Нудиме напредок, нудиме сигурност и можност Општина Виница заеднички да ја направиме модерна и современа општина која ќе го заземе приматот на една од најурбанизираните, најчистите и најубавите општини во источна Македонија“, заклучи Павлов.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.