Кандидатот за градоначалник на општина Бутел, Дарко Костовски: Граѓаните ќе ми бидат партнер во водење на општината

452

Со мојот тим направив детална анализа што сѐ е потребно во секое населено место, во секое маало, на повеќе наврати ги контактиравме и граѓаните за нивни идеи и сугестии. Ниту едено населено место, ниту еден граѓанин нема да биде заборавен, работиме многу студиозно и прецизно и ќе се посветиме на секој детал, вели кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на скопскта општина Бутел, Дарко Костовски во разговорот за НетПрес.

 

*Кој е мотивот за кандидатура за прв човек на општина Бутел? 

– Тука сум роден, тука живеам и тоа ми дава за право општина Бутел да ја чуствувам како свој дом. Својот дом се почитува, се сака и секако дека секој момент го користиме да го направиме поубаво место за живеење.

За жал, општина Бутел, особено во последниве четири години е заборавена општина, назадуваме во секоја смисла на зборот и навистина ми е криво заради тоа. Граѓаните на општина Бутел на парламентарните избори во 2020 година ми дадoа можност да бидам пратеник во собранието на Република Македонија, верувајте позицијата пратеник е многу мирна, бидејки не поседувате извршна власт. Јас одлучив да излезам од тој помирен начин на живот и да се кандидирам за градоначалник на општина Бутел, затоа што имам голем мотив заеднички со граѓаните буквално да ја трансформираме нашата општина во модерно место за живеење. Мотивот извира од потребата за наш поубав дом.

 

* Живеете во оваа општина, ситуацијата ви е јасна, но што вели последното скенирање, што недостига во општината?

– Не сакам да звучам арогантно, но верувајте дека ја знам секоја педа од општина Бутел, недостасуваат многу нешта, особено оние кои актуелниот градоначалник ги вети и не ги оствари.

На Бутел нужно му е потребна нова поликлиника, нова полициска станица и противпожарен пункт, потребни се неколку паркови во Бутел 1 и населба Радишани, потребен плоштад, исто така потребни се минимум две нови градинки во Расадник и Скопје Север, училиште во Визбегово, потребен е модерен спортски комплекс и повеќе спортски терени, хитно е потребна водоводна мрежа во Љубанци и Љуботен, потребна е канализациона мрежа во Кучевачка Бара и Бел Камен, потребно е целосно уредување на коритото на реката Серава ….

Сѐ она што го набројав е повеќе од потребно, овие проекти практично ќе бидат и носечките проекти во мојата предизборна програма, актуелниот градоначаник за четири години, за жал, не успеа да реализира ниту еден.

* Оттука со што би стартувале, со реалзација на кој проект би почнале?

– Сметам дека најврвен приоритет има изградбата нова модерна поликлиника во нашата општина, веднаш потоа приоритетно да се уреди целиот тек на коритото на реката Серава, Бутел има потреба од модерен олимписки спортски центар.

Тука би ги споменал и парковите и градинките, секако и канализационите и водоводни мрежи онаму каде што нема. Ќе работиме деноноќно и убеден сум дека приоритетните проекти ќе ги реализираме во рок од четири години.

* Кои се Вашите други идеи, проекти, на што ќе ставите акцент во текот на работењето?

– Покрај приоритетните проекти, секаком, ќе ставиме акцент и на проблемите во сите населени места. Со мојот тим направивме детална анализа што сѐ е потребно во секое населено место во секое маало, на повеќе наврати ги контактиравме и граѓаните за нивни идеи и сугестии. Она што можам слободно да го истакнам е дека ниту едено населено место нема да биде заборавено, работиме многу студиозно и прецизно ниту еден граѓанин не смее да биде заборавен.

* Од кои начела ќе се водите во работата?

– Искрено, чесно и со многу труд. Ова се трите начела кои ме водат генерално низ сите животни предизвици, убеден сум дека истите принципи ќе бидат дел од мене и како иден градоначалник на општина Бутел.

 

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.