Кандидатот за градоначалник на Штип од ВМРО-ДПМНЕ ја презентираше програмата

Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери за Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција истакна дека нивната програма изобилува со нови, иновативни решенија, но и со проекти кои се неопходни за квалитетен живот на сите штипјани.

Програмата е поставена на десет основни столбови, на кои ќе се базира, како што вели за четиригодишниот мандат. Најголеми приоритети за него се инфраструктурата и квалитетното водоснабдување.

–Економски силна општина за подобар животен стандард на сите граѓани, што ќе ни биде основниот двигател во нашата работа. Си поставуваме висока цел да создадеме дигитална општина, која ќе биде во функција и во интерес, која ќе се доживува единствено како сервис на граѓаните. Ќе се заложиме за унапредување на урбаната инфрастуктура, за да обезбедиме поквалитетен живот за сите категории на граѓани. Образованието имаме обврска да го направиме современо и соодветно не само од наставен, туку и од технолошки аспект, а на сите деца и млади да им обезбедиме еднакви можности во образовниот процес, вели Јорданов.

Забележа дека посебно внимание ќе имаат младите, кои ќе добијат одлучувачки фактор при креирање на локалните политики. Во програмата предвидени се и проекти за зголемување на зелените површини, како и инвестирање во културата, спортот.

Јорданов денеска го промовираше и порталот на којшто граѓаните можат да предлагаат проекти и идеи.