Кантонизацијата на Заев значи тргање по стапките на босанската федерација

Продавањето на теоријата за кантонизација значи тргање по стапките на босанската федерација и појавувањето на некаков нов Милорад Додик кој во догледно време ќе побара осамостојување и референдум за отцепување по примерот на Република Српска, а многу веројатно тоа да се случи во Западна Македонија од страна на некоја од мнозинско албанските општини. Тоа би ги пораснало апетите и на соседните држави кое би довело до согурен распад на државата.

Стравувањата на македонските граѓани за можна федерализација на земјата веќе подолг временски период се тема во јавноста, но истите особено добија на тежина во предизборната кампања по неколкуте јавни пораки во оваа насока од првиот човек на опозицијата Зоран Заев, негови блиски соработници и медиумски поддржувачи.

Откако Заев неодамна во интервју за косовска телевизија побара продлабочување на охридскиот договор воведување на албанскиот јазик во сите училишта, дури и во оние подрачја со 100 процентно македонско православно население, претседателот на СДСМ во текот на кампањата го прошири ваквите ставови и атакувајќи на албанските гласови отворено говoри за таквата двојазичност, но и за кантонизација на Македонија, односно делење на посебни кантони или федерални единки, по примерот на Босна и Херцеговина.

Токму Заев, пред само две недели учествуваше на една дебата организирана од албанската дијаспора во Швајцарија, каде покрај за воведувањето на двојазичност, говореше и за поделба на Македонија на кантони. Визијата на опозицискиот лидер е едно село да претставува еден кантон и тоа село во иднина да си одлучува за самото себе, сакајќи да го преслика швајцарскиот модел во Македонија.

-Првиот чекор што мораме да го направиме е да направиме уште поголема децентрализација, да ги создадеме регионите. Треба да бидеме растеретени дали има некоја делба по некој процент или математики. Гледам овде едно село е кантон и тоа село си одлучува овде за самото село, рече Заев пред Албанската дијаспора.

Македонија е земја со унитарен карактер, што ќе значи редефинирањето?

„Редефинирање“ на унитарниот карактер на државата, значи воведување на двојазичност, па федерализација и потоа отцепување на државата со можност за приклонување кон соседни држави. Двојазичноста е само прва  од трите фази во можната федерализација или кантонизација на Македонија, кои ќе значат можност за отцепување на делови од Македонија.

Лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој се залага за зачувување на унитарноста и суверенитетот на Македонија, во дел од своите говори го посочи токму примерот со Босна и Херцеговина, која е поделена на кантони.

-На Балканот ова сценарио беше насадено во Босна, тешко функционира, еве го кантонизирањето на Балканот како функционира и секој ден сака некој од тие кантони да излезе од босанската кантонизација. Секој ден слушаме како дел од кантоните бараат отцепување…еден ден можеби ќе успее, не ни треба таа работа, си имаме соживот, меѓу сите зошто некој сака да го промени и да ни го уништи тоа, да се закрвиме…можеби некој на надвор тоа ќе му биде корисно но не и на граѓаните во Македонија, рече Груевски.

Тргање по стапките на босанската федерација

Кантоните во  Босна и Херцеговина се второстепена административна поделба на овој уставен ентитет. Во Федерацијата има 10 кантони и секој кантон е поделен на општини. Република Српска, другиот уставен ентитет, нема кантони, туку директно е поделена на општини. Според Уставот на БиХ, станува збор за федерација на кантони, при што Горниот дом на Парламентот треба да се состои од еднаков број на делегати од сите десет кантони. Со тоа се осигурува рамноправна позиција на сите кантони и нивното влијание во одлучувањето на ниво на федерацијата.

Прашање кое се поставува е дали идејата на Заев е Македонија  да се доведе во ситуација како што е Босна и Херцеговина, внатре да се подели на ентитети и кантони по етничка линија, да се стане како БиХ, која е земја збир од територии. Според Мишко Ливрински- Кубрајт, ова ќе значи ставање на крај на постоењето на македонската нација.

– Да направиме корелација, во БиХ има Срби, Хрвати и Бошњаци, а никаде ги нема Босанците и Херцеговците, го нема стопанот на државата. Во последниот попис на БиХ од 2013 година, ако некој сакал да се изјасни како Босанец и Херцеговец се ставал на пописот во графата за други националности, графи за попишување на Босанци и Херцеговци не биле предвидени. Значи во сопствената држава БиХ не смее народот да се изјасни како Босанци, пишува Ливрински- Кубрајт во една своја неодамнешна колумна за ДНЕВНИК.

Пред некој месец, додава тој, имаше случај во БиХ каде што на татко и син не им беше дозволено да се изјаснат како Босанци, случајот заврши на Меѓународниот суд на правдата.

Истото не чека и нас, с` да има во нашата држава, сите националности да ги има, само Македонци да нема. Да не постои дериватот македонски, македонски јазик, македонска писменост, македонска култура, историја и сл. Исто е и во БиХ, не постои босанска писменост, босанска книжевност ( која се смета за дел на српската), босанска култура, босански јазик и сл. Значи да се немаат постулатите, односно столбовите врз кои се гради една држава, да се уништи идентитетот, со тоа што на тој начин ќе биде полесно да им се стави крај на овие две држави. Најверојатно сега следи третата фаза, односно федерализација на Македонија. Најпрво се планира да се започне федерализација на државата преку јазикот, со примена на албанскиот јазик на целата територија, пишува Ливрински- Кубрајт.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.