Кантримен: Владата на САД ги следи активностите на Слободан Тешиќ, српскиот трговец со оружје

По серија обвиненија на опозициската пратеничка и потпредседател на Партијата за слобода и правда (ССП) Мариника Тепиќ која ги обвини српскиот претседател Александар Вучиќ и шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ за „криење“  американски документ во кој „експлицитно“ се наведува дека дејствијата на Слободан Тешиќ во врска со трговијата со оружје претставуваат „директна закана за меѓународната стабилност и безбедност“, случајот со најголемиот српски трговец на оружје во светот станува нова топ тема во српската јавност.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, по демантот на српското МНР, за случајот Тешиќ прво се огласија од американската амбасада во Белград од каде порачаа дека „повеќе пати на Белград му е пренесена загриженоста околу активностите на Тешиќ“, по што поранешниот американски дипломат и претседател на Управниот одбор на Здружението за контрола на оружјето, Томас Кантримен, за „Гласот на Америка“ изјави дека „Владата на САД е запозната со активностите на Слободан Тешиќ во црната и сива трговија со оружје повеќе од две децении и дека неговото оружје е пронајдено во граѓанските војни во Либерија, Либија, Јемен….“

Девет српски државјани и исто толку компании поврзани со Тешиќ или неговите соработници во понеделникот беа ставени на црната листа од страна на Секретаријатот за финансии на САД.

За проширување на црната листа на Секретаријатот за финансии вчера говореше и државниот секретар Мајк Помпео, кој на прес-конференција на Стејт департментот кажа дека неделава администрацијата преземала историски број на нови активности за поддршка на угнетувањата низ светот и презела акција против оние кои се против тоа.

– Владата на САД од понеделникот, според Глобалниот закон Магнитски, стави на црна листа дополнителни 68 лица и субјекти, за корупција и кршење на човековите права, рече Помпео, кој додаде дека тие доаѓаат од Бурма, Камбоџа, Демократска Република Конго, Летонија, Пакистан, Србија, Словачка и Јужен Судан.

САД во декември 2017 година воведоа санкции против Тешиќ според законот Магнитски, со кој Америка ги санкционира оние што ги кршат човековите права.

Кантримен објаснувајќи го ова, оцени дека „санкциите затоа не треба да бидат изненадување и објасни дека тие не се воведени заради специфични трансакции во трговијата со оружје, туку како дел од борбата против корупцијата, или т.н. „закон Магнитски“.

Ова значи дека санкциите треба да се прошират, не само за Тешиќ, туку и за неговите соработници. Тие нема да можат да склучуваат договори со американски бизнисмени, ниту пак можат да ги користат американските банки и доларот, објасни Кантримен, потенцирајќи дека не може да суди во кој степен ова ќе ја ограничи нивната активност.

– Според мое лично мислење, српската Влада можеше да спроведе построга контрола врз извозот на оружје, рече Кантримен, кој додаде дека, „главната пречка за членството на Србија во ЕУ не е Косово, кое е важно, но главната пречка за Србија и соседните земји на Балканот е да го достигнат нивото на владеење на правото што го очекуваат другите членки на ЕУ. Србија не може да ги искористи привилегиите и одговорностите на ниво на ЕУ, додека истовремено има транспарентност и владеење на правото на ниво на Русија или Кина, заклучи тој.

Според весникот „Данас“, Тешиќ по долги години откако е ставен на црната листа на ООН, во бизнисот со оружје во 2013 го враќа владејачката Српска напредна партија, т.е. Томислав Николиќ и Александар Вучиќ. Таа година Вучиќ го воведува Тешиќ во извозот на Југоимпорт на српско оружје и опрема во Либија, во вредност од речиси 100 милиони американски долари, по што Југоимпорт без објаснување испадна од игра.

Слободан Тешиќ исто така беше финансиер на фондацијата Драгица Николиќ, а во 2014 година доби дипломатски пасош. Кон крајот на 2017 година, американската администрација му забрани влез во САД заради „корупција, кршење на човековите права и меѓународната безбедност“. Од истите причини, пред неколку дена Стејт департментот му наметна ембарго на Тешиќ, на сите компании што ги контролира, како и на неговите најблиски соработници.