Капитални инвестиции за долгорочен раст на економијата

Раст на БДП од 4 проценти, за речиси 13 проценти повеќе пари за капитални инвестиции, дефицит од 3,2 отсто. Државна каса за следната година има и развојна компонента и гарантира стабилност на социјално- ранливите категории. „Уште од 2009-та година наваму, согледувајќи дека Европа е во криза, постепено го зголемуваме износот на капитални инвестиции и следната година предвидуваме историски највисоко ниво на капитални инвестиции- 25 милијарди 92 милиони денари“, вели за Лидер вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Како е скроена државната каса за 2016-та?

2016-та ќе донесе буџет кој ќе биде насочен кон развојот, бидејќи ќе има значително зголемување на капиталните инвестиции, ќе обезбеди социјална стабилност, бидејќи ќе има зголемување на пензиите и социјалната помош и ќе има намалување на буџетскиот дефицит, што е многу значајно. Буџетскиот дефицит за следната година е позициониран на ниво од 3,2% од БДП, што споредено со оваа година е пониско за милијарда и 150 милиони денари помал буџетски дефицит и е во насока на долгорочната фискална стратегија на Владата за намалување на буџетскиот дефицит, етапно, при што во 2017-та година планираме буџетскиот дефицит да се сведе под три проценти, што ќе овозможи нивото на задолженост на земјата да остане умерено, и да се реализираат останатите проекти. Тоа се главните параметри на буџетот, при што основните макроекономски проекции врз кои е направен буџетот предвидуваат раст на економијата од 4% и одржување на ниска инфлација до 2%.

Капиталните инвестиции и оваа година ќе бидат во фокусот, предвидени ли се повеќе пари од лани за овие проекти?

Политиката на форсирање на капиталните инвестиции од година во година е препознатлива за Владата и последниве 5-6 години тоа е политиката која овозможи македонската економија да остварува стапки на раст кои се солидни, имајќи го предвид она што се случуваше во европската економија. Се разбира, има и други политики кои го помагаа економскиот раст, пред се привлекувањето на странските инвестиции, поддршката за домашните фирми преку проекти како „Македонија вработува“ и други, но и капиталните инвестиции од Буџетот, бидејќи тие овозможуваат ангажман на домашните градежни фирми, и не само градежни фирми, бидејќи тие за да градат патишта, училишта, болници… користат материјали, репроматеријали кои се набавуваат од други фирми, така што преку реализацијата на капиталните проекти се ангажирани стотици, можеби илјадници фирми. Затоа ние уште од 2009-та година наваму, согледувајќи дека Европа е во криза, постепено го зголемуваме износот на капитални инвестиции и следната година предвидуваме историски највисоко ниво на капитални инвестиции- 25 милијарди 92 милиони денари. Тоа е за 2 милијарди 858 милиони денари повеќе отколку оваа, 2015-та година, или 12,9% раст на капиталните инвестиции. Тука ќе има значајни проекти, и во делот на патната инфрастуктура и во делот на комуналната инфраструктура.  Преку 2,5 милијарди денари се предвидени за реализација на Коридорот 10, а ќе има и други проекти за кои имаме издвоено значителни средства.

Тоа се добри вести за бизнисот, но што да очекуваат граѓаните? Најавивте покачување на пензиите и платите?

Во буџетот за следната година е предвидено ново 5% зголемување на пензиите. Сега во октомври кога ќе се исплатат пензиите ќе има зголемување од 5% и следната година поторно во октомври кога ќе се исплатат септемвриските пензии за 2016-та година ќе има ново 5% зголемување за пензионерите, што е значителната поддршка за животниот стандард на највозрасните категории граѓани. Ова е препознатлив начин на работа за оваа влада, бидејќи и изминатите години имавме слични политики за постепено зголемување на пензиите, со цел да се заштити животниот стандард на пензионерите. 300 илјади пензионери има во Република Македонија, кои на почетокот на октомври ќе добијат покачување на пензиите за 620 денари, и следната година, во октомври повторно имаме предвидено во Буџетот ново покачување на пензиите. Исто така, 5% покачување им следува и на примателите на социјална и постојана парична помош. За нив обезбедивме доволно средства во буџетот, во јуни следната година да им се зголеми помошта за 5%, што сепак помага за овие ранливи категории на граѓани да создадеме, колку што може подобри услови за живот, за да може да се справат со главните предизвици. Исто така преку политиката за субвенции за земјоделците, им помагаме на земјоделците, на стотици илјади земјоделски семејства во Република Македонија. Се разбира тука е и редовната исплата на платите за сите вработени во јавниот сектор, како и користењето на поединечни проекти, како на пример „Купи куќа, купи стан“ и слични проекти кои се повторно наменети за граѓаните, за кои и следната година во буџетот се предвидени средства.

Проектирвате понизок буџетски дефицит од 3,2%, но прилично висока стапка на раст од 4%, што главно ќе ја движи економијата во 2016-та?

Стапката на раст што ја проектираме е остварлива и реална, и впрочем и проекциите на Светска банка, на ММФ и на ЕУ, покажуваат дека Република Македонија во 2016-та, во 2017-та ќе има повисоки стапки на раст во однос на регионот. Тоа е одраз на добро поставените економски политики. Меѓу другото се очекува растот на странските инвестиции, поголемиот број на компании кои дојдоа во Македонија, ќе имаат поголем одраз врз БДП во следните години, бидејќи тие компании ги привршуваат изградбите на своите објекти, почнуваат со работа, а тие пак порано што дојдоа во Македонија, постигнуваат полн капацитет. Значи ќе се зголемува и производството и извозот од тие компании. На пример само за првите седум месеци од годинава имаме 30% раст на извозот на компаниите кои се во индустриските зони, што покажува дека во 2016-та, но и во следните години можеме да очекуваме значителен раст на производството и на извозот. Домашните компании со стабилзирањето на политичката ситуација, но и со изборите, ќе имаат нова четири годишна перспектива за стабилност на политиките и да можат да ги предвидат сопствените инвестициски одлуки, а тоа ќе овозможи уште поголема инвестициска активност и на домашните компании после изборите. Очекувам  влијание врз растот следната година да има и стабилизирањето на состојбата во европската економија. Состојбата во Грција со последните избори таму би требало да биде посмирена, во однос на должничката криза и ризиците, така што и Европа во тој дел ќе може да реализира малку повисока стапка на економски раст, што ќе овозможи и македонската економија да има подобар резултат.

Се разбира тука се и капиталните инвестиции од буџетот, како и редовната обврска за исплата како поврат на ДДВ, за набавките што се вршат од буџетот и слично. Секоја таква инвестиција кога се градат автопати на пример, изградбата на автопатот од Скопје до Штип, изградбата на автопатот од Кичево до Охрид, или Коридорот 10, повлекува раст на БДП. Исто така ќе почне изградбата на клиничката болница во Штип, само за неа и за болницата во Скопје имаме издвоено средства од над милијарда денари за следната година, гасификацијата ќе повлече значителен раст на капитални инвестиции, а ќе има одраз врз БДП. Преку три милијарди денари во буџетот за следната година издвоивме за изградба на водоводи, канализации и друга комунална инфраструктура во општините. Сите тие проекти, но и многу други ќе помогнат да расте економијата, да се ангажираат домашни фирми, туку и преку тоа да се оствари поголем раст, не само за 2016-та, туку и за следните години.