Капиталните инвестиции се приоритет за СДСМ, се градат и рехабилитираат 400 километри патишта во државата

Капиталните инвестиции, вложувањата во инфраструктурни проекти на централно и локално ниво, како предуслов за развојот и постигнување на повисоки стапки на економски раст остануваат приоритет на СДСМ и на институциите што ги предводи, истакнува владејачката партија во соопштението за јавноста од неделата.

„Силната посветеност на реализација на капитални проекти ја покажуваме на дело со зголемување на средствата за капитални инвестиции во Буџетот за оваа година, за 20 отсто, во однос на лани, на 23 милијарди денари“, тврдат од СДСМ.

Како што се потцртува во соопштението за оваа година „само во патната инфраструктура се планирани преку 200 милиони евра инвестиции“, а оти во моментов „се градат и рехабилитираат 400 километри патишта низ државата во вредност од 840 милиони евра“.

„Инвестираме во 25 проекти за изградба или реконструкција на водоводна и канализациона мрежа во вредност од 12,7 милиони евра, а во тек се 30 проекти за изградба или реконструкција на водоводна и канализациона мрежа со вкупна вредност од 14 милиони евра.

Поддржуваме и важни проекти во општините. Со прераспределба на средствата од ТАВ обезбедивме 35 милиони евра со кои ќе се финансираат 99 проекти во 75 општини.

Со Законот за рамномерен регионален развој ја намалуваме нееднаквоста меѓу општините и регионите и обезбедуваме рамномерна поделба на средствата во сите осум региони.

Инвестираме во проекти важни за граѓаните, со што создаваме услови за рестарт на економијата и за планираните стапки на економски раст“, се дадова во партиското соопштение.