Радован Караџиќ: Да се спроведе истрага за малигните заболувања во Хаг

Да се спроведе истрага за малигните заболувања во Хаг, бара поранешниот претседател на република Српска, познат по воените злосторства во војната во Босна Радован Караџиќ.

Барам да се испита што е работата и да престане галопирачкиот раст на малигни заболувања. Не е вообичаено на толку мал простор да се појават толку голем број болести, изјави Радован Караџиќ во текот на статусната конференција посветена на неговата здравствена состојба, пренесува РТС.

Караџиќ побарал Обединетите Нации и Светската здравствена организација да спроведат истрага.

Тој потврди дека на 28-ми август бил најитно опериран поради воспалениоте на жолчната ќеса, непосредно откако претходно се пожалил на здравствени тегоби.

Причините за своето заболување Караџиќ ги гледа во „системот“, односно во условите во притворската единица на Трибуналот во Шевенинген. Тој тврдел дека таму „дошол со егземпларно добро здравје“ кое го одржувал со „христијанските обичаи и источната медицина“.

Пред влошувањето на здравтсвената состојба во август, Караџиќ, како што изјавил, скршил осум заби без било каква причина, што било показател дека во неговиот организам нешто е пореметено.

Барањето за истрага за тоа како притворскиот систем влијае врз здравјето на притворениците, Караџиќ го заснова врз тврдењето дека од неговото доаѓање во летото 2008-мата година, 11 притвореници заболеле од малигни заболувања, а уште најмалку осум од тешки болести. Холандскиот притворски систем, според неговите зборови, не е за „ранливи луѓе во трето доба“, какви се според него притворениците.

Караџиќ ја чека пресудата на Трибуналот по обвинението за геноцид во Сребреница, прогон на муслиманите и Хрватите низ цела БиХ кој во шест општини имал размер на геноцид, тероризирање на населението во Сараево со гранатирање и снајперирање и земање на припадници на Унпрофор за заложници во периодот од 1992 до 1995 година.