Каракачанов повторно се заканува: Македонија уште долго ќе чека пред портите на ЕУ

Во денешното телевизиско гостување на БТВ, бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов рече дека Македонија уште долго време ќе чека пред портите на ЕУ доколку и натаму продолжи да се однесува како држава која ѝ е ментор на Бугарија.

„Бугарија има право да бара од земјите кандидати за членство во Унијата да запазат одредени услови. Еден од условите е нашата национална безбедност. Не може со инает, кој го гледаме во Скопје – ‘ама ние сакаме’, и јас можеби сакам многу работи во животот, ама нешто што не е мое како да го сакам, а тие сакаат сѐ. Не може да имаш претензии за бугарската историја, не може да не им се извиниш на оние луѓе што си ги убивал и тормозел десетици години, само затоа што биле Бугари и да ми кажеш ‘ама ние имаме идентитет со векови’“, ели Каракачанов.

Во гостувањето во утринската емисија уште вели дека македонскиот идентитет во 1944 година бил создаден со насилства, убиства и репресии кон Бугарите.

„Знаете ли дека во Македонија во 1945 се носи закон, можеби и во нацистичка Германија немало таков, за заштита на националното име и чест, според кој секој што ќе каже дека е Бугарин, не Албанец, ако кажеш дека си Албанец немаш проблем, ако кажеш дека си Турчин немаш проблем, ако кажеш дека Србин ќе ти ракоплескаат, но ако кажеш дека си Бугарин, според законот, можеш да добиеш до пет години затвор. И сега тие луѓе ми кажуваат дека самите од себеси добиле некаков идентитет, и тоа го кажува политичката елита, тоа не може да се случи“, рече Каракачанов во одговор на новинарско прашање да ги објасни бугарските позиции во врска со Македонија.