Каракамишева: Тригодишната политичка криза е исценирана за целосно обезличување на Македонија

Сценариото за политичката криза во Македонија е со една единствена цел, да се смени името, идентитетот и да се прифатат договори во интерес на соседите, рече во саботата професорката Тања Каракамишева на трибината во органзиација на институтот „Павел Шатев“.

„Во Република Македонија веќе на сите им е јасно што се случува во изминативе три години и кои се политичко-правните консеквенции од оваа вештачко наметната политичка криза која е многу добро исценирана и која се одвива во неколку етапи“, рече Каракамишева.

Според неа, за жал, сценариото за сѐ уште не е завршено, па оттука во наредниве месеци предупреди дека ќе бидеме сведоци на уште потурбулентни политички состојби во државата кои се наметнати, како што оценува професорката, од една единствена причина да се урне државата, да се избрише македонскиот идентитет и да се прифатат некои договори.
„Целото сценарио му е јасно и на дете од градинка, но она што како професор по уставно право сакам да прашам зошто се постави прашањето за правниот систем на глава и која е целта на ваквото деформирање на правниот систем и што е последната поента прашува Каракамишева? Во Македонија нема владеење на право и правна држава и допрва ни следи инсталирање на правна држава со инсталирање на тоталитарна правна структура во системот која што нема да трпи никаква критика и различни мислења од актуелната власт, се со цел да се протнат сите ветени работи од страна на премиерот Заев и едноставно да се решат сите спорни прашања кои изминативе 27 години буквално ни висеа врз нас. По завршување на сите овие прашања Македонија не би преставувала проблем на Балканот и би функционирала на начин кој го наметнува меѓународната заедница“, истакна Каракамишева.
Додаде дека доминантна притоа би била волјата на амбасадорите и соседите, а не на народот на земјата.

„Владеење на право не е кога владее неправо и кога се крши Уставот, законите и сите можни прописи во државата, во Македонија последните три години бевме сведоци на селективно применување на Устав, закони, деловници на собрание, деловници на Уставен Суд, а се со цел да му се угоди некому и да се постигне целото предвидено сценарио. Владеење на право не е ако СЈО го ослободува актуелниот премиер, а сите знаеме што се случуваше со случајот „Пуч“, владеење на право не е ако СЈО не почитува судска пресуда, а тоа е во врска со незаконското преслушување, владеење на право не е ако Заев руши рекорди на недоаѓање на суд. Владеење на право не е ако Специјалната јавна обвинителка се избира без јавен оглас и исполнување на одредени критериуми. Владеење на право не е избирање на правна институција на крајно политички начин, ние во моментов имаме селективна правда, а секоја селективна правда е неправда“, рече Каракамишева.

Потенцираше и дека владеење на право е кога се почитуваат сите човекови права и слободи на сите подеднакво без разлика дали си обичен граѓанин, политичар или пак новинар.

„Не може да важат законите за нас обичните смртници, а да не важи за оние кои се инсталирани однадвор и целата држава да ја стават наопачки поради лични интереси“, заклучи Каракамишева.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.