Карантин во 11 квартови на Пекинг поради повторна појава на коронавирусот

Неколку десетици жители на Пекинг се позитивни на новиот коронавирус, што потврдува дека се појавило ново жариште на заразата во кинеската престолнина, поради што е итно воведен карантин во 11 градски квартови.

Новите случаи на зараза ги заживеаја ставувањата од повторно избувнување на епидемијата во Кина, од каде кон крајот на минатата година започна ширењето на Covid-19, поточно од градот Вухан во централната покраина Хубеи, но властите успеаја да ја стават болеста под контрола со строги карантински мерки. Мерките беа укинати постепено со намалувањето на бројот на заразените, а повеќето новозаразени последните месеци беа лица кои се вратиле во Кина од странство.

Кина официјално регистрираше 4.634 смртни случаи како последица на Covid-19, додека во светот досега починаа повеќе од 422.000 луѓе.

Пазарот Ксинфади, во округот Фенгтаи на југот на Пекинг, е затворен бидејќи е поврзан со поголемиот број нови зарази. Седум случаи на зараза се потврдени во околината на овој пазар на кој се продаваат месо, риби и зеленчук, од кои шест во саботата, соопштија кинеските здравствени власти.

Уште 45 случаи, сите асимптоматски, се потврдени по тестирањата спроведени во петокот на речиси 2.000 работници на пазарот, соопшти финционерот за јавно здравство во главниот град, Панг Ксингхуо.

Директорот на пазарот за месо Ксинфади изјавил за весникот Beijing News дека вирусот е потврден на даските за сечење увезен лосос. Санитарните власти поради тоа наложиле инспекција во целиот град на свежото и смрзнато месо, живината и рибите, во супермаркетите, складиштата и рестораните.

Првиот случај на Covid-19 во Пекинг по два месеца беше пријавен во четвртокот. Станува збор за лице кое било на пазарот минатата седмица и во последниот период не го напуштало градот. Меѓу шесте нови случаи пријавени во саботата се и тројца работници од пазарот, лицето кое било таму на пазарање и тројца вработени во истраживачкиот центар за месо оддалечен од овој пазар седум километри. Еден од нив бил на пазарот минатата седмица.

Властите го затворија пазарот, како и пазарот за морски плодови кој го посетило едно заразено лице, за да спроведат дезинфекција и земале примероци за анализа. Во близина на пазарот се распоредени неколку стотици полицајци.

Властите на округот Фенгтаи соопштија во саботата дека вовеле „воени мерки“ поради новиот бран на заразата. Во саботата утрото доброволци и посетувале граѓаните по нивните домови во неколку населби во Пекинг, за да утврдат кој бил на пазарот Ксинфади. Властите, исто така, најавија скорешно организирање тестирање од широки размери за сите лица кои биле во некаков контакт со овој пазар од 30-ти мај. Затворени се девет училишта и детски градинки.

Пекиншките власти во петокот го одложија враќањето на учениците во основните училишта и ги суспендираа сите спортски настани. Откажани се и многу популарните групни туристички посети на Пекинг од другите покраини.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.