Карантин за банкнотите најави централната банка на Јужна Кореја

Централната банка на Јужна Кореја објави во петокот дека ќе воведе двонеделен карантин за банкнотите за да се отстранат траги од коронавирусот Covid-19, а некои и ќе бидат спалени за што поефикасно да се спречи ширењето на заразата.

„Целата готовина донесена од локалните банки, централната банка две седмици ќе ги држи во сеф, имајќи предвид дека по девет дена вирусот вообичаено згинува“, рекол за Reuters неименуван службеник на банката.

Од централната банка порачуваат и дека банкнотите ќе се „перат“ на висока температура пред повторно да бидат пупштени во оптек.

Рутинската постпка на „перењето“ на парите подразбира загревање на банкнотите на температура од 150 Целзиусови степени две до три минути. Потоа банкнотите се пакуваат и извесно време се држат на температура од 42 Целзиусови степени. Со тоа парите всушност се дезинфицираат, ја појаснуваат постапката од јужнокорејската централна банка.

Банката ќе ја заостри и рутинската постапка за спалување на хартиените пари од сите делови на земјата за да се спречи ширењето на заразата, рекол за агенцијата неименуван јужнокорејски функционер кој сакал да остане анонимен, бидејќи не бил овластен за разговори со медиумите.

До петокот утрото Јужна Кореја потврди нови 196 случаи на зараза со коронавирусот, односно вкупно 6.284 потврдени случаи, најмногу надвор од Кина, од каде кон крајот на декември избувна епидемијата. Поради тоа, речиси 100 земји и територии во светот воведоа ограничувања за посетители од Јужна Кореја.

И Кина, според денешните извештаи во тамошните медиуми, им наложила на банките во рамките на борбата против коронавирусот да ги дезинфицираат банкнотите и да ги складираат во сува просторија седум дена.