Кари и Дурент го одведоа шампионот во четврто финале против „Кливленд“

Кошаркарите на „Голден Стејт“, актуелниот првак во НБА лигата, со победата од 101:92 над „Хјустон“ ја добија серијата со 4:3 и ја освоија титулата во Западната конференција. „Вориорси“ на тој начин четврта сезона во низа се пласираа во големото финале каде четврти пат ќе играат со „Кливленд“ за трета титула.

Домаќините во натпреварот влегоа сигурно, иако не настапи плајмејкерот Крис Пол, кој се повреди во петтиот натпревар, а повторно одлично одигра Ерик Гордон. Кај „Голден Стејт“,  Клеј Томпсон за две минути направи три лични грешки па првото полувреме го преседе на клупата. „Хјустон“ на полувреме имаше предност од 54:43, гостите беа очајни во одбраната, а „Хјустон“ доминираше со скокот во рекетот на „Голден Стејт“.

Најдобар натпревар во серијата одигра младиот центар од Швајцарија, Клинт Капела кој имаше неколку офанзивни скокови и лесни кошеви по асистенции на Џејмс Харден. Во овој период се виде дека на „Вориорси“ им недостига Андре Игудала, кој поради повреда не одигра пет меча од серијата.
Сепак, исто како и во претходните натпревари, клучна беше третата четвртина која „Вориорси“ редовно ја добиваат. Гостите во овој дел славеа со 33:15 што се покажа доволно за победа. Во третата четвртина

„Рокетси“ ги промашија сите 14 обиди за три поени, а на натпреварот имаа 27 промашени шутеви во низа што е рекорд на НБА лигата. Најсилното оружје на „Хјустон“, кој имаше најдобар резултат во регуларниот дел на сезоната, шутот за три поени вчера беше очаен. Домаќините имаа 7 од 44 за ти поени или 11 отсто, наспроти 16 од 39 на „Голден Стејт“ за 41 отсто успешност. „Рокетси“ не успеаја да ги погодат слободните шутеви кога имаа предност, за разлика од гостите, кои промашуваа на почетокот, но погодуваа кога се кршеше резултатот. Стеф Кари и Кевин Дурант одиграа одлично и беа најпрецизни кога требаше. Кери постигна 14 коша со 4 од 5 за три поени во третата четвртина.

Одигравме неверојатно второ полувреме, во една „луда“ атмосфера во салата. Почнав лошо и промашив неколку шутеви, но момците ми помогнаа да се вратам, изјави Стеф Кари, кој постигна 27 поени, 10 асиетенции и 9 скокови за 44 минути.
Кевин Дурант имаше 34 поени со по 5 скока и асистенции, а Дрејмонд Грин 10 коша, 13 скока и 5 асистенции.
Харден постигна 32 коша со по 6 скока и асистенции, а Капела имаше 20 коша и 9 скока.

Првиот натпревар од големото финале стартува во четврток во Оукленд, или петок по македонско време.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.