Карпош и Охрид беа и останаа најголеми должници на УЈП

NOTE TO INSPECTOR: The word "iridium" on the pen's nib is not a brand: it's the name of the metal of which the nib is made. Thanks.

Владата постојано им помага со пари од буџетот, а општините и јавните претпријатија никако целосно да заздрават и да расчистат со своите долгови кон државата. Тие упорно имаат ненаплатени сметки за услуги, најмногу по основ на данок на додадена вредност, што го регистрира Управата за јавни приходи секој месец, на својата листа на должници.

Подолг период како најголеми должници фигурираат општините Охрид, Тетово, Струга, Карпош, Делчево… На средината на годинава, вкупниот долг на сите општини и на државни претпријатија изнесуваше 301 милион евра.

При тоа, најголем должник од општините беше Охрид, со неплатени обврски од над 15 милиони евра. По неа Тетово, чии долгови се 11,5 милиони евра,  трет најголем дожник беше Струга, со доспеани долгови од околу пет милиони евра, а на четвртото место беше општина Карпош која по разни основи должеше 4,7 милиони евра, додека Делчево имаше доспеан долг вреден 3,6 милиони евра.

На општините им беше даден рок до средината на годината да го почнат процесот на отплата на долговите. Тогашниот министер за финансии Драган Тевдовски тогаш рече дека нема да се доделуваат дополнителни пари од буџетот и беше категоричен дека оваа помош е успешен проект на Владата.

Дел од општините најверојатно го санирале долгот, но сепак, сѐ уште има државни претпријатија, како и општини кои сѐ уште се на листата должници.

Така, на последниот список пак се наоѓа општина Карпош со долг по основ на неплатен ДДВ од 56.708,786 денари или 922 илјади евра како и општина Охрид со долг од 1,9 милиони денари или околу 31 илјада евра.

На списокот има и повеќе јавни претпријатија. На пример, ЈП Железници на РМ должи 40 милиони денари само по основ на ДДВ, ЈП за одржување магистрални и регионални патишта должи 259 милиони денари, Јавното комунално претпријатие Тетово – 159 милиони денари, Македонска радиодифузија – 25 милиони денари, Водостопанство на Македонија – 8 милиони денари, МРТ 21 милион денари…

Должничката листа на УЈП е речиси истата секој месец, повеќе години наназад, па и на последната сликата се повторува, горе долу. На врвот на листата упорно котираат компании кои се во стечај со години или се ликвидирани, но чиј долг кон државата останал ненаплатен и натаму се регистрира во Управата. Така, за долгови доспеани до 31 јули годинава, а неплатени до 31 октомври, сѐ уште на врвот на листата се „Ел Дон Кастило“ со долг од 466.870.265 денари, „Индустрија Ал Ацтека“, со долг од 466.250.696 денари, „Мотор Коач индустри интернационал“, со долг од 466.213.563 денари и „МЛ Глобал Италу“ со долг од 264.335.685 денари.

Прва на последниот список на УЈП е компанијата ТЕ-ТО со долг од 1.058.989.960 денари или 16 милиони евра! Но, Владата на седница одлучи да ја одложи обврската за плаќање на милионскиот даночен долг, затоа што компанијата побарала помош од државата. Владата својата одлука да го одложи плаќањето на долг ја оправда со тоа дека во државен интерес е фирмата да работи без прекин.

Инаку, крајната листа е за долгови доспеани до 31.07.2019 и неплатени до 31.10.2019 година, по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини, за кои вкупниот износ на долгот е повисок од 120.000 денари за физичките лица и самостојни вршители на дејност и повисок од 300.000 денари за правните лица. На последниот список има 2.020 должници – правни лица (повеќе за 25 од претходната листа) и 2.539 физички лица (повеќе за 19 од претходната листа).
Вкупниот нето долг изнесува 10.129.716.081 денари, 162,6 милиони евра или повеќе за 15.032.646 денари од претходната листа. Нето-долгот за даноци и придонеси е 9.969.945.359 денари (помалку за 3.066.767денари од претходната листа), додека долгот за царински давачки е 159.770.722 денари (повеќе за 18.099.413 денари).