Касами: Судот потврди дека БЕСА е единствена партија

Биљал Касами, претседателот на ткн Скопско крило на движењето БЕСА кое од почетокот на годинава се подели, на прес-конференција во вторникот објави дека Основниот суд Скопје 2 Скопје донел одлука којашто, како што рече потврдила дека Движењето Беса е единствена партија, односно дека тие се легитимни претставници на партијата.

„Со оваа одлука на судот се отфрла неоснованото барање на неформалната група, што укажува на тоа дека партиските тела ги избираат нејзините членови, а не од сомнителни кругови кои не го сакаат доброто на Албанците и кои не се во служба на Албанците“, рече Касами.

Додаде дека по за него очекуваниот судски епилог, прво им се обраќаат на сите оние кои „биле манипулирани од одредени личности“ да се вратат во Движењето Беса, каде што, како што рече им се отворени вратите „и покрај ова горчливо искуство кое ни се случи во изминатите месеци“.

Исто така, Касами ги повика медиумите во иднина за време на сите јавни настапи поврзани со Движењето Беса да се обраќаат на нивната адреса, бидејќи како што рече „нема и не може да има два политички субјекти Движење Беса, туку само еден, а тоа сме токму ние“.

„Сите поединци кои во иднина нема да застанат при Движењето Беса, но ќе продолжат да го злоупотребуваат името на партијата, против нив ќе бидат преземени правни мерки во согласност со законите на државата“, рече Касами.

На почетокот на годинава Движењето Беса се подели на две крила, откако на 18-ти февруари се одржа конгрес на едното крило на кој за претседател беше избран Африм Гаши.

Ова крило на неколку прес-конференции потоа го обвини поранешниот лидер Билал Касами за фалсификат и најави кривична пријава против него. Гаши изјави дека БЕСА отсега ќе биде партија, не само на Албанците, туку на сите народи кои живеат во Македонија и кои ги бараат нивните права коишто им следуваат.

Другиот табор, на Биљал Касами, или познат како Тетовски табор одржа конгрес на 24-ти февруари, на кој токму Касами беше избран за лидер, а за вторник најави итна прес-конференција.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.