Касами влезе во скопското седиште на БЕСА, скопската фракција го обвинува за соработка со екстремисти

Досегашниот челник на Движењето БЕСА, Билал Касами, кој викендов на два паралелни партиски собири во Тетови и во Скопје беше поставен на позицијата односно разрешен до одржувањето на партискиот конгрес, во понеделникот во придружба на свои приврзаници успеал да влезе во седиштето на Движењето Беса во Скопје, во трговскиот центар Мавровка, по што од скопското крило го обвинија дека го со екстремисти го загрозува Движењето.

Билал Касами во неделата поднесе кривична пријава во полициската станица, затоа што три часа не му било дозволено да влезе во просториите каде било ангажирано приватно обезбедување од страна на скопскиот огранок на БЕСА. Претходно скопскиот огранок на посебен состанок донесе одлука да го разреши Касами од лидерската функција и го постави пратеникот Неџмедин Каремани за привремен претседател до одржување на Конгресот во февруари.

Каремани во понеделникот се огласи со соопштение дека „централното седиште на Движењето БЕСА во Скопје, кое било под заштита на една осигурителна компанија, било нападнато од вооружени лица, кои ја искршиле бравата и насилно влегле во просториите“.

Додава дека се сомнева оти, како што ги нарекува, насилниците се некои екстремисти од Чаир и тетовското село Ларце, кои го придружувале „веќе разрешениот претседател, Билал Касами“.

„Во името на членството на Движењето БЕСА, во име на Централното претседателство, во име на Централниот совет и во име на апсолутното мнозинство на Движењето БЕСА, ние го осудуваме овој насилен чин и очекуваме од безбедносните органи да го расветлат овој настан и причинителите на овој вандализам да одговараат пред правосудните органите“, се вели во соопштението од Каремани кој додава дека ова е потполно во спротивност со целата идеја на Движењето Беса.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.