Касами: Заев не е способен да води две позиции

Биљал Касами, претседател на Движењето БЕСА во интервју во емисијата „Отворено“ на телевизија Алфа ја искоментира одлуката на премиерот Зоран Заев, покрај претседател на Владата, да се именува за министер за финансии.

Според Касами ваквата одлука не е добра, бидејќи министерството за финансии е многу важна институција, како за државата, така и за граѓаните и тој лично смета дека и покрај биографијата која си ја напишал Заев, тој не е толку способен да води две позиции истовремено.

-Мислам дека не му е зрел потегот да води друго министерство освен да биде премиер, бидејќи Министерството за финансии е многу важно за држава, многу важно за граѓаните, а уште поважно за премиер. Премиерот иако навел долга биографија, не верувам дека премиерот е толку способен да води две позиции истовремено, вели Касами.

Додаде и дека според пораките кои ги испраќаат високите претставници од Европската Унија, датумот за почеток на преговорите на Република Македонија не е загарантиран дури ни во октомври, бидејќи за влез во ЕУ не било потребно само потпишување на Преспанскиот договор за промена на уставното име на државата, туку реформи кои требало да ги спроведе власта.

-Ако се читаат добро препораките кои доаѓаат од Европските престолнини ќе видите дека никој не ни гарантира дека во октомври ќе добиеме датум, подвлекува Касами.