Касилјас конечно си заминува, следна дестинација – Порто

Икер Касилјас во следните денови ќе го официјализира трансферот во редовите на Порто, но капитенот на “кралскиот клуб” нема намера да заработува во Португалија помалку од она што му е пропишано со актуелниот договор со Реал Мадрид.

“Кралевите” изразија подготвеност да го пуштат голманот да си замине без никаква отштета, но последните информации говорат дека Флорентино Перез ќе мора да издвои и 15 милиони евра за да ја покрие разликата во плата од актуелниот договор на Касилјас со она што му било понудено од страна на Порто.

Весникот “Марка” обелодени дека понудата на Порто изнесувала пет милиони евра годишно “бруто плата”, додека бруто заработката на Касилјас во Реал Мадрид во следните две години би изнесувала 25 милиони евра. Голманот е цврсто решен доколку Реал сака тој да си замине, овие пари да бидат покриени токму од Флорентино Перез, а во тек се разговорите околу начинот и периодот во кој оваа сума ќе биде целосно исплатена.

Се очекува Реал веднаш по продажбата на Касилјас да ги интензивира преговорите со Манчестер јунајтед за Давид Де Хеа. Овој одличен голман има само уште една година од договорот со “црвените ѓаволи”, но најтрофејниот англиски клуб бара дури 40 милиони евра за неговите услуги.