Каталонците ги блокираа патиштата поради притворањето на Пучдемон

717

Шпанската интервентна полиција излезе во вторникот на терен за да ги расчисти блокадите на главниот автопат во Каталонија кои ги поставија активистите за независност на покраината протестирајќи поради тоа што во притвор во Германија е задржан отстранетиот каталонски претседател Карлес Пучдемон чиешто предавање го бара Шпанија за да му суди за бунт и организирање на референдумот за независност кој го забрани Уставниот суд во Мадрид.

Во првите вечерни часови во вторникот повеќе илјади лица извикувале „Слобода за политичките затвореници“, исто така, протестирајќи во близина на главната железничка станица во Барселона на чиишто приоди биле распоредени полициски сили.

Претпладнето полицијата интервенирала за да ја отстрани барикадата којашто рано утрото на автопатот во близина на Фигиерас, недалеку од границата со Франција, ја поставиле десетици демонстранти на повик на радикалната сепаратистичка платформа Одбор за заштита на Републиката (CDR).

Во текот на денот биле блокирани и други сообраќајници, па така и накусо и приодите кон каталонската престолнина Барселона, каде што илјадници демонстранти се судриле со полицијата. Во судирот повредени се полесно стотина луѓе, од кои 23 се полицајци.

Поранешниот каталонски претседател кого владата во Мадрид го отстрани од должност по прогласувањето на Република Каталонија врз основа на резултатите од референдумот за независност од ланскиот 1-ви октомври, во моментов е во притвор во германскиот град Ноеминстер. Таму се очекува одлуката на судот во Кил, кој би можел да го екстрадира во Шпанија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.