Каталонците ги блокираат патиштата поради судењето во Мадрид

Додека во Мадрид почна судењето на каталонските политичари обвинети за бунт против Шпанија поради распишување на референдумот за самостојност на покраината и прогласување независна република, ширум Каталонија се подготвуваат масовни протести против судскиот процес кој го сметаат за неправеден.

Комитетот за одбрана на Републиката (CDR), групација која ја поддржува независноста на покраината со 7,5 милиони жители на Средоземноморскиот брег, повика преку Twitter на масовни протести.

„Нема да дозволиме да се нормализира репресијата. Повторно ќе излеземе на улиците и ќе се спротиставиме“, порачаа од CDR.

На неколку патни правци во Каталонија, главно во и околу Барцелона, од вторникот претпладнето е прекинат сообраќајот, а за попладнето и вечерта најавени се собири.

„Собирите на различни локации во Барцелона влијаат врз сообраќајот“, извести градската полиција на каталонската престолнина.

Во Мадрид во 10 часот по локално време започна судењето за дванаесетте поранешни каталонски функционери кои ги подготвувале, организирале и сповеле референдумот за независност во октомври 2017 година. Шпанскиот уставен суд го забрани референдумот, истакнувајќи дека тој не е предвитен со уставот од 1978 година. Во парламентот врз основа на резултатите од референдумот беше изгласање воспоставување независна Република Каталонија.

За дванаесетте каталонски функционери обвинети за бунт, непослушност кон власта и користење јавни пари за организирање на референдумот, предводени од Ориол Жункерас, поранешен претседател на владата на Каталонија, шпанското државно обвинителство бара казна од 25 години затвор.

Додека нивните адвокати и партиски колеги се собираат пред судот во Мадрид, група граѓани зад железната ограда извикуваа „Да живеее Шпанија“, „Организатори на држевен удар“ и „Шпанија секогаш ќе биде обединета“. Од другата страна се граѓани кои им даваат поддршка на обвинетите кои судскиот процес го нарекуваат фарса. Од Барселона пристигнаа и претседателот на каталонската влада Квим Тораа и претседателот на покраинскиот парламент Рожер Торент за да им дадат поддршка.

Судењето коешто започна во вторникот, ќе продолжи во среда и четврток. Се предвидува дека ќе трае околу три месеца, а одлуката на судот најверојатно ќе биде соопштена на почетокот од летото или на есента.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.