Каталонците планираат отцепување од Шпанија во 2017 година

Каталонските националистички партии и здруженија изработија патна карта со која се предвидува отцепување од Шпанија во 2017 година, доколку движењата за независност победат на регионалните избори во септември, пишува МИА.

– Изборите ќе послужат како правен механизам за утврдување на волјата на народот на Каталонија, се посочува во договорот на двете водечки каталонски националистички партии и неколку здруженија.

Според патната карта доколку победат партиите кои се залагаат за независност ќе биде донесен нов устав и ќе се воспостават институции, кои ќе бидат основа за идната држава.

– Процесот на национална транзиција кон декларација на нова каталонска држава или република ќе почне по изборите на 27 септември и ќе кулминира најдоцна по 18 месеци, се посочува во патната карта.

Во планот се наведува и дека ќе биде распишан референдум за текстот на уставот, а потоа ќе следат парламентарни избори и преговори со кои би се утврдил новиот однос меѓу Каталонија со Шпанија и со Европската унија.