Каталонија и Франко – поткрепа за десницата пред изборите во Шпанија

43
Педро Санчез, лидерот на Социјалистичката работнишка партија на Шпанија

Тензиите во најбогатата шпанска покраина Каталонија која тежнее кон самостојност, и преместувањето на посмртните останки на диктаторот Фанциско Франко, им дадоа „ветер во грбот“ на десните партии во Шпанија, само две седмици пред одржувањето на парламентарните избори, покажуваат три анкети чиишто резултати беа објавени во понеделникот.

Десната партија Глас (Vox) и конзервативната Народна партија (Partido Popular – PP) од десниот центар, би можеле да станат најголемите добитници на изборите закажани за 10-ти ноември. На владејачката Социјалистичка работничка партија на Шпанија (PSOE) на премиерот Педро Санчез популарноста ѝ опаѓа, но и натаму е најголем фаворит. PSOE би можела да освои меѓу 115 и 120 места во парламентот со 350 мандати. На изборите во април годинава, социјалистите освоија 123 места, што е далеку под неопходните 176 мандати за самостојно составување влада.

Откако изминатите месеци Санчез не успеа да ја добие поддршката од другите партии за формирање малцинска влада, и откако пропаднаа преговорите за коалиција со левата партија Обединети можеме (Unidas Podemos), беа распишани предвремените парламентарни избори.

Последните две седмици избувнаа масовните протести ширум Каталонија, автономната североисточна покраина со 7,5 милиони од вкупно 46,3 милиони жители на Шпанија, откако Врховниот суд во Мадрид изрече затворски казни од 9 до 13 години за девет каталонски функционери и активисти кои во 2017 година го организираа референдумот за независност и покрај забраната на шпанскиот Уставен суд. На улиците на Барселона дојде и од судири меѓу демонстрантите и полицијата. Каталонската влада најави и нов референдум, а Санчез порача дека тоа не го дозволува Уставниот суд.

Минатата седмица, пак, заживеа и иницијативата на левата PSOE, па посмртните останки на диктаторот Франко, кој управуваше со Шпанија од 1939 до 1975 година, беа преместени од грандиозниот мавзолеј во Долината на паднатите, 40 километри северно од Мадрид, местото на коешто се наоѓаат посмртните останки на спротиставените републиканци и националисти убиени во Шпанската граѓанска војна од 1936 до 1939 година, на помалку познати гробишта во предградие на престолнината.

„Сето тоа влијаеше на преференцијата на гласачите во пресрет на изборите“, вели Роза Диаз, директорка на институтот за истражување на јавното мнение Sigma Dos, која спроведе анкета маѓу 3.000 лица во периодот од 21-ви до 25-ти октомври за дневниот весник El Mundo. Оваа анеката се совпаѓа со анкетите на институтите SocioMétrica за електронскиот дневен весник El Español, како и на институтот GAD3 направена за весникот ABC.

 

Голем процент нерешителни Шпанци

Народната партија, којашто доживеа тежок пораз на изборите во април, закрепна и може да остане на второто место со 97 до 103 пратеници. Во моментов има 66 мандати.

Меѓутоа, се чини дека најголемиот добитник на претстојните избори би можело да биде десната партија Vox, која единствена отворено се спротистави на преместувањето на останките на Франко, и заговара воведување вонредни мерки во Каталонија, што во некоја рака претпоставува суспендирање на автономијата на покраината. Таков чекор направи и претходникот на Санчез, конзервативецот Маријано Рахој кој во зимата 2017 година по одржувањето на референдумот и прогласувањето независност која не заживеа, управата со Каталонија ја префрли на централната влада во Мадрид и распиша предвремени покраински избори на кои повторно победија сепаратистичките партии. Во април Vox првпат влезе во шпанскиот парламент со 24 пратеници, а сега според анкетите може да има 37 до 41 пратеник. Со тоа би станала третата партија по моќта во Шпанија.

Најголем губитник би можела да биде партијата од центарот на политичкиот спектар Граѓани (Ciudadanos), којашто од сегашните 57 пратеници може да падне на само 16 до 20. Во падот и левичарската Unidas Podemos, која од 42 пратеника може да спушти на 33 или 34 мандати.

„Меѓутоа, голем број од испитаниците би можеле да ја променат одлуката за кого ќе гласаат, многумина сѐ уште не се сигурни“, истакнува Дијаз.

Во анкетата на нејзниот институт 35,7 отсто од испитаниците рекле дека нивната одлука кому ќе му го дадат својот глас сѐ уште не е дефинитивна, додека 4,8 отсто воопшто не одговориле. На две седмици пред изборите, само 59,5 отсто од испитаниците се сигурни за кого ќе гласаат, покажува истражувањето на Sigma Dos.

„По изборите би можеле да имаме слично сценарио на сегашното, ниту левиот, ниту десниот блок да не добијат доволно пратеници за формирање влада“, коментира Дијаз.

Според оваа проекција, блокот леви партии би можел да освои 159 пратеници, а десниот 153 мандати, а за формирање влада неопходни се 176 гласови во парламентот. Во левиот блок по априлските избори не дојде до договор поради несогласувањата меѓу PSOE и Unidas Podemos. Поради тоа сѐ навестува дека по изборите во ноември може да биде неопходна поддршката на каталонските партии поборнички на независноста, кои својата поддршка ја условуваат со референдум за независност на Каталонија. Челникот на социјалистите и премиер на заминување, Педро Санчез, решително ја отфрла ваквата можност повикувајќи се на уставот. Од друга страна, пак, Unidas Podemos е единствената од петте најголеми партии во Шпанија којашто би го променила уставот и би дозволила референдум во Каталонија.

Според уставот донесен во 1978 година, по што Шпанија мина од диктатура во демократија, Каталонија, како и другите региони, добија своја влада, парламент, полиција, училишта и право на користење на сопствениот јазик како службен, но не и можноста за одржување референдум за целосна самостојност. Според толкувањето на уставниот суд во Мадрид, забранети се референдуми во 17-те покраини, од кои една е и Каталонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.