Каталонскиот претседател во новата влада вклучи затворени и политичари во егзил

392

Новиот претседател на Каталонија ја формираше во саботата новата регионална влада во која се вклучени двајца поранешни министри коишто се наоѓаат во притвор и двајца кои се наоѓаат во егзил од обидот за сецесија од Шпанија, а за официјален Мадрид овој потег го смета за провокација.

Поборникот на независноста на Каталонија, Квим Тора, кој свечената обврска ја положи во понеделникот ја објави во саботата одлуката за именување на членовите на новата влада. Претседателот на Каталонија воедно и е претседател на регионалната влада.

Меѓутоа, Мадрид може да ја блокира одлуката. Шпанската влада сѐ уште ја суспендира автономијата на Каталонија, воведена на 27-ми октомври 2017 година поради прогласувањето на независноста која не заживеа, и ја проблематизира легалноста на именувањето министри кои се во шпански затвор или во егзил во странство.

Од 13-те ткн советници на регионалната влада, двајца – Жорди Туруљ и Жозеп Руљ, се во затвор близу Мадрид. А Тони Комин и Луис Пуиг живеат во егзил во Белгија каде што избегаа заедно со поранешниот претседател Карлес Пучдемон откако Мадрид ја распушти регионалната влада и наложи нивно апсење. Туруљ и Руљ објавија на Twitter дека ги прифаќаат должностите.

Куим Тора, избран за претседател во понеделникот во каталонскиот парламент, е всушност избор на Пучдемон. Неговите поддржувачи и натаму го сметаат за „легитимен претседател“ на Каталонија. Пучдемон во Германија ја очекува одлуката на судот по барањето на Мадрид за негова екстрадиција. Шпанија сака да му суди за „бунт“ заедно со другите сепаратистички политичари кои учествуваа во распишувањето на референдумот од ланскиот 1-ви октомври кој го забрани шпанскиот Уставен суд и прогласувањето на независноста по резултатите од плебисцитот.

Централната шпанска влада сѐ уште не се изјасни по именувањата во саботата, но најавуваше изминатите денови дека ќе реагира.

„Доколку некој од притворените биде предложен за каталонски министер, судијата ќе биде тој што ќе треба да се изјасни, но тоа веќе се случи кога со видеоврска сакаа да именуваат еден кандидат што не беше можно“, изјави во петокот портпаролот на шпанската влада и нејзин министер за култура, Ињиго Мендез де Виго.

„Еден министер не може да извршува функција ако се наоѓа во затвор, тоа го наложува здравиот разум“, рече де Виго.

Пратеникот на владејачката на шпанско ниво Народна партија во каталонскиот парламент, Ксавиер Гарсиеа Албиол, изјави во саботата дека именувањето на спомнатите министри претставува „провокација“ и „инсистирање на кавга“, Албиол е убеден дека шпанската влада „ќе даде соодветен одговор на овој предизвик“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.