Катар повторно негира вклученост во корупцискиот скандал во ЕУ

Катарските власти во неделата повторно негираа секаква своја вклученост во корупцискиот скандал во врска со пратеници и други лица во Европскиот парламент кои се во притвор и под истрага на белгиските власти.

Белгиското обвинителство обвини најмалку четири лица поврзани на некој начин со Европскиот парламент под сомнение дека Катар, ги подмитувал со пари и скапи подароци за да влијае врз процесот на носење одлуки во Европската унија. Властите во Доха и претходно негираа секакви незаконски дејствија со политички фигури во Брисел.

Дипломат од катарското претставништво во Европската унија во изјавата објавена во неделата посочува дека „предрасудите“ и „неточните податоци коишто протекоа во текот на истрагата, наместо да се почекаат заклучоците“, влијаеле на одлуката на Европскиот парламент во четвртокот да усвои резолуција за суспендирање на активностите на сите законодавни одлуки поврзани со Катар и за забрана за пристап на катарски претставници.

Резолуцијата, исто така, бара запирање на активностите, особено, во поглед на либерализацијата на визниот режим, планираните посети и европско-катарскиот договор за воздухопловен транспорт, сѐ додека обвинувањата не бидат потврдени или отфрлени.

„Одлуката да се воведе такво дискриминаторско ограничување… негативно ќе влијае врз регионалната и глобалната безбедносна соработка, како и на преговорите за глобалната енергетска сиромаштија и безбедност кои се во тек“, рекол катарскиот дипломат, пренесува Reuters.

Катар е еден од главните произведувачи на природен течен гас (LNG) покрај САД и Австралија. Од почетокот на војната во Украина и настојувањата на земјите од ЕУ да се откажат од зависноста од енергенсите увезени од Русија, токму Катар стана адресата на којашто најчесто се обраќаа европските челници во потрагата по алтернативни добавувачи на гасот.

„Катар беше ексклузивно критикуван и напаѓан во истрагата и длабоко е разочаран од тоа што владата на Белгија не вложи напори во соработка со нашата влада да го утврди фактите“, стои во изјавата на водечкиот катарски дипломат во Европа објавена во неделата.

Портпаролот на белгиското министерство за правосудство веднаш не го коментирал случајот по барање на Reuters.

Белгиското министерство за правосудство во средата објави дека тамошната разузнавачка служба повеќе од една година тесно соработувала со друг европски земји за да го разоткрие корупцискиот скандал.

Катар, пак, денеска ги истакнува „цврстите“ врски со некои земји во Европската унија и „благодарност за оние кои останаа ангажирани и покрај бранот напади“. Од друга страна се посочува дека владата на Белгија „покажа недостиг од соработка кон партнерот кој е близок и голем снабдувач со LNG“.