ФОТО: 52 години од катастрофалниот земјотрес од 1963-тата

Со повеќе активности и манифестации Скопје денес ќе одбележи 52 години од катастрофалниот земјотрес од 1963-тата година, во кој главниот град на државата беше претворен во урнатини.

Со повеќе активности ќе биде одбележана годишнината од земјотресот

Утрово на Градските гробишта во Бутел официјални делегации и претставници на институции ќе положат цвеќе пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес.

Традиционално, од 9 до 17 часот ќе се реализира и крводарителска акција во Дневниот центар за дарување крв на Црвениот крст на Град Скопје, што се наоѓа во ДХО „Даре Џамбаз“.

 52 години од катастрофалниот земјотрес од 1963-тата
52 години од катастрофалниот земјотрес од 1963-тата

Активнсотите ќе продолжат и во текот на вечерта. Во Музејот на Град Скопје во 19 часот ќе се одржи литературно читање „Поетесите за својот град“, а во 20.30 часот ќе биде отворена изложбата „Скопје 1963-пред и потоа“, каде пред присутните ќе се обрати скопскиот градоначалник Коце Трајановски.

Концептот на изложбата е прикажување на централното подрачје на Скопје, пред земјотресот и потоа. Посетителите ќе можат да погледнат фотографии, создадени за изложба реализирана во Музејот на Град Скопје во 80-тите години на 20 век, насловена „Напоредни фотографии на Скопје“. Ќе бидат претставени и фотографии од Киро Георгиевски, користени за изложбата „Старо Скопје“, реализирана во Музејот во 1993 година. Посебен додаток на изложбата е донацијата на семејството Битољану, фотографии на фотографот Томислав Петернек, направени непосредно по земјотресот, за време на неговиот престој во Скопје.

 52 години од катастрофалниот земјотрес од 1963-тата
52 години од катастрофалниот земјотрес од 1963-тата

Во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се одржи настанот „МКЦ за Скопје“. Од 20 часот ќе биде отворена изложбата на младиот македонски уметник Иван Петрушевски-Филм, со наслов „Херои и нули“. Потоа следува проекција на документарниот филм за култните „Леб и сол“, „Каша“ во режија на Дарко Марковиќ, концертен настап ќе имаат групите Sethstat&Мирко Попов, Khara и Сусијат.

По земјотресот Скопје стана град на солидарност

Земјотресот во Скопје се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути.  Се смета дека тоа е најголемата елементарна непогода што го зафатила главниот град, а воопшто и Македонија. Во земјотресот беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.

 52 години од катастрофалниот земјотрес од 1963-тата
52 години од катастрофалниот земјотрес од 1963-тата

Од трагедијата на Скопје целиот свет беше вознемирен и ангажиран. Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Така Скопје стана град на меѓународна солидарност, пишува МИА.