Катастрофални податоци за последното тримесечје: Градежништвото и инвестициите во слободен пад во 2022-ра година

Катастрофални податоци за последното тримесечје на 2022 година со само 0,6% раст на македонската економија и поразителни податоци за цела 2022 година која заврши со анемичен раст од 2,1%, кој може да биде и понизок со ревидирани податоци, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Наспроти полната уста на Владата дека е успешна во делот на инвестициите, објавените податоци од Државниот завод за статистика јасно ја демантираа. Во 2022 година, градежништвото има реален годишен пад од 8,4% и негативни остварувања во сите четири квартали. Од друга страна, бруто инвестициите, по високото ниво во првата половина на годината заради зголемување на залихите од страна на фирмите во пресрет на високите цени (категорија која влегува во бруто инвестиции), во втората половина на годината бележат намалување, за да во последниот квартал од 2022 година завршат во слободен реален пад од 5,3%.

Сумирано, од вкупно десет дејности според производниот метод на БДП, во шест има годишно намалување на обемот на производство во последното тримесечје од 2022 година. Индустријата, секторот информации и комуникации, земјоделското производство, јавниот сектор (образование, одбрана и останатите сродни дејности) и финансискиот сектор завршија во негатива. Исто така, извозот на стоки и услуги забележа значајно успорување растот, како и увозот, што е индикација на намалена економска активност на нашите трговски партнери, но и на намалување на домашната побарувачка“ – посочуваат од партијата.

-А како да нема намалување на домашната побарувачка, кога данокот од екстремно високата инфлација заради неспособноста на Влада да се справи со неа и енергетската криза се рефлектираше врз домашните буџети и брз билансите на фирмите. Владата нели многу „протроши“ за мерки, а каде се гледа ефектот? Нели имаше до плафон капитални инвестиции? Каде се гледаат тие во податоците за БДП? Значи некој манипулира, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.