Катица Јанева е „Мајка“-та во преписките на Боки 13 со адвокатот Димишков

Комуникацијата којашто во вторникот беше слушната на рочиштето во скучајот „Рекет“, а водена меѓу обвинитите Бојан Јовановски Боки 13 и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, како и со адвокатот Васил Димишков, укажува на тоа дека целиот случај „Империја“ кој го водеше СЈО е конструкција чија цел е изнудување пари од бизнисмени.

Димишков го нема во обвинението, односно нема докази дека вршел влијание кај сестра му Весна Димишкова, која остана на одлуката за притвор за осомничените во „Империја“, сѐ додека Катица Јанева не побара ублажување на тие мерки и Врховниот суд не се вмеша времено запирајќи ги истрагите на СЈО. Комуникацијата со него е важна во доказната постапка за вмешаноста на Јанева во обиди за материјална полза за да им ја олесни положбата на осомничените Орце Камчев и Дејан Панделески во големата финансиска истрага „Империја“.

Во октомври 2018 година, Јовановски на адвокатот Васил Димишков, брат на судијката на претходна постапка која му даде притвор на осомничениот во „Империја“ Орце Камчев, му праќа дел од текст каде пишува дека судија на претходна постапка Димишкова, треба да одлучи за барањата за мерка притвор.

Истиот ден Димишков му возвраќа дека сè е шпекулација. Па во 2 часот по полноќ си пишуваат: „Биднало, време беше“.

На 13-ти октомври 2018-та, Димишков на Јовановски  му праќа наслов на текст, па соопштение од обвинителството за одреден притвор на Орце Камчев. Потоа Јовановски му праќа комуникација што ја имал со Дејан Панделески, син на газдата на „Пелистерка“ Цветан Панделески, осомничен во „Империја“.

 

 

Шест дена подоцна Јовановски повторно комуницира со Дејан Панделески: „Не е добро, да се гледаме.“

Претходно на 12-ти октомври 2018-та, адвокатот Димишков го прашува Јовановски: „Како помина со мајка? Денес и шоферот на водата го земале. Тој бил поштарот што оставал пошта во сандачиња“.

Јовановски го повикува со пораката „Дојди во телевизија“, а Димишков оди во „1ТВ“.

Секој ден чатуваат, со месеци, зборуваат во шифри за „Империја“, си препраќаат судски решенија, документи.

На 8-ми јануари 2019 година, Јовановски му испраќа слика на Васил, ургенција за „Империја“. Димишков на Јовановски му праќа преснимен документ – мислење на СЈО, да се одбие мислење за „Актор“. Почнале да ја дискутираат и оваа голема истрага на СЈО.

Во јануари 2019 година, адвокатот му пишува на Јовановски: „Извини, може ли да ја потсетиме мајка, уште не е стигнато“. На 28-ми јануари 2019, Димишков повторно потсетува: „Те молам види со мајка до каде е“.

Од потоа презентираната преписка станува јасно дека под „мајка“ шифрирано се однесува на Катица Јанева.

Комуникацијата на апликацијата ватсап, која е дел од доказите, почнува во септември 2018, а продолжува и во почетокот на 2019, и се однесува на договарање меѓу Јовановски и Димишков околу средби во хотелот „Александар палас“, како и праќање на документи што биле доставувани во врска со овој предмет до Основниот кривичен суд.

Јовановски во една од пораките му пишува на Димишков: „Со Мајка сум на пат, не можев да зборам.“ Во друга порака му пишува: „Сè уште чекаат да стигне до кај Мајка“.

Во нова порака Димишков му пишува на Јовановски: „Извини, може ли да ја потсетиме Мајка, времето си оди? Види со Мајка до каде се.“ Во порака од април 2019 адвокатот му пишува на Јовановски: „Да се видиме, има нешто ново за кај Мајка.“

Во продолжение на доказите Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција презентираше и Вотсап-комуникација меѓу вработена во продавницата „Пјер Карден“ што во февруари 2019 година му праќала пораки на Јовановски околу цена за набавка на мебел.

„Господине Јовановски, ја намаливме цената на мебелот и конечната е 17.500 евра. Дали Ви одговара?“, му пишува вработената на Јовановски. „Одговара“, возвраќа тој. Таа му праќа нова порака: „Баш ми е мило“ и го известува за нова нарачка на комода, за која во доказите има и фотографија, и во која го известува дека новата пратка ќе чини 2.400 евра.

Рочиштето продолжува со читањето на комуникацијата меѓу Зоран Милевски Кичеец, кој ја призна вината во овој случја и доби пресуда, и Бојан Јовановски.

„Вештачењето на мојот телефонот е селективно, во име на вистината барам да ми биде доставена целосната комуникација со Зоран Милевски Кичеец која е клучна во судскиот процес, а јас ја немам во доказниот материјал“, побара Јовановски.

Ја извести судијката Весна Николовска Масевска дека оваа забелешка ѝ ја кажал на обвинителката Вилма Русковска, но дека таа му рекла оти таа комуникација не била од интерес на обвинителството. Јовановски обвини дека обвинителката чита сензационалистички пораки, а не од комуникацијата со Кичеец која е многу важна за да се дознае вистината.

Неговата забелешка се однесува на комуникација во која биле разменувани фотографии од скапи часовници, мебел итн. Беше прочитана порака во која Боки го известува Кичеец „кај Орце сум“, на што Кичеец му враќа „Па што ако си“.

Беше прочитана и порака за излегувањето на Сашо Мијалков од притвор испратена од Кичеец до Боки. „Сашо за еден час ќе излезе од Шутка“, напишал Милески.

И бранителот на Боки, Сашо Дуковски, приговараше што обвинителството не ги средило пораките што ги чита како доказен материјал и дека освен небитни пораки се чита материјал на друг јазик (српски) и затоа побара обвинителката да си го среди доказниот материјал, а не да ги пренесува како што им ги доставиле од МВР.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.