Катица: Милошоски многу се занесува со изјавите

Специјалната обвинителка Катица Јанева утринава кажа дека пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски не може да преговара за новиот Закон за Јавно обвинителство, со кој треба да се реши иднината на СЈО, бидејќи за него има истрага во нејзиното обвинителство. Јанева, одговарајќи на новинарско прашање околу донесувањето на законот, рече и дека Милошоски многу се занесува со изјавите.

„Меѓународната заедница дава јасни насоки, а и власта, освен опозицијата, која е лично засегната. Не може за законот да преговара лице кое веќе има предмет во предистрага и во истрага и кое дава квалификации за СЈО. Тука мислам на Антонио Милошоски, кој многу се занесува во своите изјави“, кажа Јанева, додавајќи дека има позитивни сигнали дека Законот за јавно обвинителство ќе биде донесен во најбрз можен рок.

Милошоски, во изјава за Радио Слободна Европа, одговара дека обвинител не може да биде некој што завршил факултет со шестки.

„Сите политички релевантни субјекти, коишто сакаат обвинителството да има поквалитетни кадри, се согласуваат дека во иднина, секој следен обвинител, посебно специјален јавен обвинител, којшто би бил дел од државното обвинителство, треба да има повисок просек од Правниот факултет и останувам на тоа мое мислење, коешто ценам дека ќе го подобри квалитетот на работата на обвинителството“, вели Милошоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.