Кавадарчанец вршел полови дејства врз деца од 7 и 5 години

Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе постапка против 41-годишно лице, за кое постои основано сомнение дека го сторило кривичното дело полов напрад врз дете кое не наполнило 14 години од член 188 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

„Осомничениот на точно неутврдени датуми во текот на првата половина на 2020 година, до 21.7.2020 година, во повеќе наврати извршил полово дејствие врз деца на возраст од 7 и 5,5 години. Притоа, тој ги сликал жртвите со својот мобилен телефон“, се наведува во соопштението од ОЈО.

Имајќи ја предвид опасноста од бегство на осомничениот, страв дека доколку биде на слобода ќе продолжи со вршење на вакви и слични кривични дела, како и тежината на стореното кривично дело за кое е запретена висока казна затвор во траење од најмалку 12 години, јавниот обвинител поднесе до надлежниот суд Предлог за определување на мерка притвор за осомниченото лице. Основниот суд Кавадарци со Решение на осомничениот му определил притвор во траење од 30 дена.