Кавадарци издвои средства за поддршка на проектот „Народна кујна“

Општина Кавадарци издвои 173 илјади денари за поддршка на проектот „Народна кујна”. Ваква одлука донесе вчера попладне Советот на општина Кавадарци на седница, пренесува МИА.

– Со поддршка на Министерството за труд и социјална политика, преку проектот „Народна кујна” се обезбедуваат оброци за вкупно 101 лице од Кавадарци. Со парите издвоени од локалниот буџет во текот на осум месеци, општината обезбедува топол оброк за дополнителни 10 стари и изнемоштени лица кои поради материјална необезбеденост се наоѓаат во исклучително тешка состојба. Еден оброк по лице на ден изнесува 72 денари, стои во образложението на одлуката.

Од локалната самоуправа Кавадарци нагласуваат дека на ваков начин се подржува политиката за развој на социјалната заштита.

Секојдневните оброци за корисниците на народната кујна се подготвуваат во јавната општинска установа детска градинка “Рада Поцева” во Кавадарци.

Меѓуопштинскиот центар за социјални работи ќе ги идентификува десетте корисници и со договор ќе биде задолжен за следење на реализацијата на проектот и за известувањето на општината за неговата реализација.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.