Кавани и Телес го засилија Манчестер Јунајтед

444

Англискиот фудбалски великан Манчестер Јунајтед во последните часови од летниот преоден рок го ангажираше одличниот 33-годишен уругвајски напаѓач Единсон Кавани од Пари Сен Жермен и 27-годишниот бразилски бек Алекс Телес од Порто.

Кавани последните седум години играше за ПСЖ, а пред тоа настапуваше за Наполи, Палермо и Данубио. Уругваецот за Манчестер Јунајтед потпишал договор на една година со можност да биде продолжен за следната година.

Во кариерта Кавани има постигнато 341 погодок на 556 официјални натпревари, при што рекордни 200 голови во дресот на ПСЖ. Постигнал и 50 погодоци во 116-те настапи за репрезентацијата на Уругвај.

„Манчестер Јунајтед е еден од најголемите клубови на светот и претставува вистинска чест да се биде тука. Многу работев во текот на слободното време и сакам да се натпреварувам и да го претставувам овој неверојатен клуб. Одвај чекам да ја доживеам атмосферата на Олд Трафорд, кога навивачите ќе се вратат на стадионите“, изјави Кавани за клупската интернет страница.

Менаџерот на „Црвените ѓаволи“, Оле Гунар Солскјер, исто така не го криеше задоволството од постигнатото.

„Единсон е искусен врвен професионалец кој секогаш дава сѐ од себе за својот тим. Во екипата ќе внесе енергија, моќ, водство и прекрасен менталитет, меѓутоа, што е најважно, ќе донесе и голови. Досега имаше брилијантна кариера, освојуваше трофеи во речиси секој клуб за кој играше, а на највисоко ниво има уште многу да даде“, истакна менаџерот на Јунајетед

Екипата од „Олд Трафорд“ ја засилија и бразилскиот бег Алеск Тељес кој последните четири години играше за Порто, како и крилниот играч на Аталанта, 18-годишниот Амад Траоре.

Тељес по една сезона мина и во Галатасарај и Интер, како и во бразилските клубови Гремио и Хувентуд.

„Да му се придружиш на клуб кој има престиж, Манчестер Јунајтед, е голема чест. Мора напорно да работите за да дојдете до овој момент во својата кариера. Можам да ветам дека ќе дадам сѐ од себе тука да бидам успешен“, рече Бразилецот кој за Јунајтед потпишал договор на четири години со можност за продолжување за уште една сезона.

Иако потпиша за Јунајтед, младиот крилен играч Амад Траоре до јануари ќе остане во редовите на Аталанта. Клубовите не ја објавија сумата од трансферот, но британски Sky Sport, објави дека станува збор за 21 милион евра отштета, плус 20 милиони евра во разни бонуси.

Јунајтед младиот репрезентативец на Брегот на слоновата коска го следел три години откако како 15-годишник стасал во Италија.

Истовремено, Јунајтед го напушти Крис Смајлинг кој се пресели во Рома за 15 милиони евра. Англискиот репрезентативец во римската „Волчица“ ја мина и минатата сезона како позајмен играч.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.