Казахстан го игнорираше барањето на Русија за протерување на украинскиот амбасадор

Властите во Казахстан денеска го отфрлија барањето на Русија за протерување на амбасадорот на Украина поради неговите коментари за убиствата на Руси и ја прекорија Москва за, како што велат, несоодветен тон меѓу „еднакви стратешки партнери“.

Тензиите се зголемија откако украинскиот амбасадор во Астана во август, Петро Врублевски, во интервју за локален блогер за војната во Украина рече дека „колку повеќе Руси убиваме сега, толку помалку од нив ќе ги убијат нашите деца подоцна“. Како одговор, Русија побара од Казахстан да го протера дипломатот, но Астана наместо тоа побара од Киев да го замени, велејќи дека неговите коментари се неприфатливи за земја со големо етничко руско малцинство.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, вчера изјави дека Москва е „огорчена“ поради тоа што Врублевски се уште е во Астана и го повикала амбасадорот на Казахстан.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Казахстан, Ајбек Смадјаров, денеска изјави дека тонот на Захарова е „спротивен на суштината на сојузните односи меѓу Казахстан и Русија како рамноправни стратешки партнери“ и додаде дека и рускиот амбасадор ќе биде повикан во казахстанското Министерство. Смадјаров рече дека Врублевски ќе го напушти Казахстан откако на негово место ќе пристигне новиот украински амбасадор.

Казахстан традиционално одржува блиски економски и безбедносни врски со Русија, но се дистанцираше од Москва откако таа ја нападна Украина во февруари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.