Казахстан има своја вакцина против ковид-19

Светската здравствена организација (СЗО) очекува во наредните две недели да одлучи дали итно ќе ја одобри употребата на две кинески вакцини против коронавирусот, изјави помошникот директор на таа агенција на Обединетите нации, Маријангела Галвао Симао.

Во меѓувреме светските медиуми јавуваат дека Казахстан започна вакцинација против коронавирус со сопствена вакцина „КазВак“, која е во третата фаза на клинички испитувања, а денес тоа беше единствената опција во трговските центри каде што се прави масовна имунизација.

Ројтерс известува дека скоро милион луѓе, во оваа поранешна советска република со 19 милиони жители, веќе ја примиле руската вакцина „спутник В“, која Казахстан ја увезува и произведува во земјата.

Министерот за здравство, Алексеј Цои, ја прими првата доза на домашната вакцина и најави соработка со Турција за понатамошно развивање на производството.

Според државниот институт за истражување „КазВак“ во моментов е во фаза на трето клиничко испитување, кое ќе биде завршено до јули, а сите 222 лица кои учествуваа во првите две фази развија имунитет на Ковид-19, без пријавени поголеми несакани последици.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.