Кажаното од собраниската говорница ќе остане запишано како сведоштво за односот на пратениците кон сопствената држава

Претседателот Ѓорге Иванов во денешното попладневно обраќање до јавноста потенцира дека се што беше кажано од собраниската говорница по предлогот на опозицијата за негова одговорност, ќе остане запишано како сведоштво за односот на пратениците кон сопствената држава и кон сопствените институции.

Врз основа на тоа сведоштво, напомена Иванов, идните поколенија ќе знаат низ што се минувала демократијата во Македонија и како оваа генерација политичари ја разбирале и практикувале политиката.

– Дел од тие сведоштва се помилувањата од претходни претседатели за кои воопшто не беше покренато прашање за нивна одговорност. Ниту пак се покрена кога ни наметнаа привремено име кое сеуште не фрустрира. Ниту пак за промената на државното знаме, Уставот и територијалната поделба на државата. Никој не одговараше за атентатот на еден претходен претседател и за неразјаснетите околности што доведоа до смртта на друг претседател. Наредните генерации ќе знаат дека во тоа време, на власт биле истите оние кои денес го покренаа прашањето за моја одговорност и кои го оспоруваат мојот легитимитет, подвелече шефот на државата.

Според него, гласањето во Собранието заврши, а неоснованата иницијатива на опозицијата беше отфрлена.

– Затоа, денеска им се обраќам на граѓаните. Граѓаните кои два пати ми ја дале довербата да бидам претседател на Република Македонија, рече претседателот Ѓорге Иванов.