Казнен налог за три лица од Дебар за непочитување на прописи за време на епидемија

Поради непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, двајца сопственици на угостителски објект од Дебар, кои послужувале гости и еден жител, кој наспроти забраната се обидел да го напушти подрачјето на Општината, се соочуваат со парична казна во висина од 10 до 100 дневни глоби.

Од Основното јавно обвинителство – Дебар информираат дека постапувајќи по три кривични пријави против три полнолнетни сторители до надлежниот суд во Дебар бил поднесен предлог за издавање на казнен налог против обвинетите кои во одделни кривично правни настани со своите дејствија сториле кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ од чл.206  став 1 од Кривичниот законик.

„Двајца од обвинетите, сопственици на угостителски објекти, спротивно на член 1 точка 9 од Одлуката со која се забранува работата на кафетерии, барови, клубови, казина и спортски обложувалници, ги отвориле и примиле и послужувале гости. Третиот обвинет иако знаел дека е прогласена кризна состојба – карантин за општините Дебар и Центар Жупа, тој преку спореден пат во близина на Бошков мост се обидел да ја избегне полициската контрола и да го напушти подрачјето на Општина Дебар. Откако се приклучил на регионалниот пат Скудриње – Гостивар бил запрен од полициски службеници и вратен назад“, се наведува во соопштението од ОЈО.

Обвинетите го сториле кривичното дело што им се става на товар. Обвинителството врз основа на доказите што ги поседува побара од судот на обвинетите да им биде изречена парична казна во висина од 10 до 100 дневни глоби.​​